Започнува Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“

Сподели

 

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп од денеска (17 јули) до 23 јули, по 15 пат, ќе се одржи Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“. На колонијата, која се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура, ќе учествуваат 19 уметници од земјава и од странство.

– И годинава уметниците ќе работат на слободна тема, во повеќе дисциплини –  вајарство, инсталација, сликарство – користејќи различни материјали – дрво, метал, прилепски мермер – односно природни материјали за уметниците кои ќе изработуваат инсталација, како и акрил на платно. Очекуваме годинава да се создадат 40-ина нови уметнички дела, кои ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот.  Колонијата започна како сликарска, а од 2021 г. Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен“ почнува со работа во скулпторски медиуми (метал, дрво, мермер …), со што  се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот, а претставување ќе има и во повеќе градови низ Македонија – истакнуваат од Центарот за култура во Прилеп.