Иако пред две години беше најавен како приоритетен, законот за Водно не е изготвен. Според последната Студија за ревалоризација на парк-шумата, заштитата на ова подрачје е предвидена да биде од ниска категорија. Тоа значи дека Водно, наместо со закон ќе може да се заштити со одлука на Владата.
Оваа Студија минатиот месец пристигнала во Министерството за животна средина и просторно планирање откако усвои Советот на Град Скопје.
Владо Трпевски од секторот Природа во Министерството објаснувајќи го процесот вели дека досега Министерството не било инволвирано бидејќи ја чекале Студијата.
„Откако ни ја испратија од Градот, следниот чекор е за одлуката за прифатливоста мислење да бараме од надлежните инситуции, потоа одиме со предлог на Влада, Владата нè задолжува, го правиме актот за прогласување и тогаш се прават јавни дебати на територијата каде што се наоѓа заштитеното подрачје, тогаш се дебатира законското решение, вклучувајќи ја тука и категоријата, потоа со сите заклучоци и ставови се праќа во Влада и таа носи одлука “, појаснува Трпевски.
Процедурата, всушност е слична со онаа за прогласувањето на Шар планина за национален парк. Во случајот со Шара, откако минатиот месец Владата го прифати предлогот на МЖСПП да добие заштита од државата, во наредниот период следуваат јавни расправи со месното население и локалните бизниси на кои треба да се „испеглаат“ сите детали, вклучувајќи ги и границите на заштитеното подрачје и тоа кој дел од планината колкав степен на заштита ќе ужива, ќе се изготвува предлог-закон за прогласување на планината за национален парк кој повторно оди на Влада.
Откако овој предлог-закон ќе го усвои Владата, потоа треба да го усвои и Собранието. Во случајот со Шар планина, министерот Насер Нуредини вети дека ќе се заложи јавната расправа да се заврши до септември, но за судбината на Водно засега нема ниту приблично прецизни рокови. „Сè зависи од Ковид-19 мерките бидејќи не можеме сега да организираме јавна расправа“, вели Трпевски.
На прашање што се случи со законот за Водно, за чиешто изготвување Владата во септември 2018 година го задолжи ова Министерство, откако се случија протести против изградбата на гасоводната траса преку Водно, Трпевски вели дека, со оглед што Студијата на Град Скопје предлага степен на заштита од петта категорија, која е најниска, за неа не е потребно донесување на закон туку само одлука на Владата, по предлог на Министерството.
Што се однесува до тоа дали е можно да се зголеми степенот на заштита на Водно, Трпевски вели дека по процесот на консултации, доколку има научни согледувања дека е потребен повисок степен на заштита, тогаш тоа би било прифатено.
Од иницијативата “Го Сакам Водно“ велат дека се крајно разочарани од несериозноста со која се третираат ставовите на граѓанскиот сектор па и на дел од стручната заедница.
„И покрај две расправи одржани под организација на Град Скопје на кои се укажа на бројните недосостатоци во студијата за валоризација на Водно, забелешките испратени до подготвувачите на законот останаа игнорирани, а Градот одлучи предлогот, таков каков што беше, да го испрати до МЖСПП“, вели Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“, додавајќи дека тие сепак се надеваат дека МЖСПП во овој случај нема да има таков однос.