Здравјето и безбедноста на вработените – еден од врвните приоритети во „АЛКАЛОИД“

Сподели

 

Човечките ресурси се еден од главните приоритети на „Алкалоид“ АД Скопје, а компанијата континуирано инвестира и им посветува големо внимание на безбедноста и здравјето при работа за секој еден од над 2.600-те свои вработени. Преку доследно почитување и преку строго придржување до применетиот систем за безбедност и здравје при работа (БЗР), ИСО 45001, компанијата ја осигурува добросостојбата на сите работни места. 

 

 

 

Признание за добрите практики е неодамнешната главна награда насловена „Правен субјект кој најмногу инвестирал во безбедноста и здравјето на своите вработени“, доделена на „Алкалоид“ во рамките на конференцијата во организација на македонското Министертство за труд и социјална политика, националниот Совет за безбедност и здравје при работа и на Меѓународната организација на трудот, која традиционално се одржува по повод 28 април – Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа. На церемонијата за примопредавање на наградата, Ќире Ицев, директор на Службата за општи работи во „Алкалоид“ и член на Управниот одбор на компанијата, изјави: 

„Ова признание претставува дополнителен поттик и заложба за натамошен напредок во делот на безбедноста и здравјето при работа, преку постојано следење на највисоките светски стандарди во оваа област, континуирано подобрување на условите за работа во компанијата и преку континуирани инвестиции за подобрување на безбедноста и здравјето на нашите вработени.“

 

 

„Алкалоид“ АД Скопје на годишно ниво вложува значителни фондови во насока на унапредување на безбедноста на вработените и на одржување здрава работна околина. Овие инвестиции се однесуваат на активности како на пример изработка на проценка на ризик, мерења микроклиматски услови, испитувања работна средина, обуки на вработените, вложувања во работната опрема, средства за транспорт на товар, промена на електричната инсталација заради подобрување на капацитетите, набавка на средства за лична и за колективна заштита итн. 

На конференцијата присуствуваа и претставници од сите значајни државни институции и тела кои дејствуваат во областа на БЗР, членови на националниот Совет за БЗР, како и претставници на Европската агенција за БЗР (EU-OSHA), на Здружението на инженери за заштита „Тутела“ и на други здруженијата на стручни лица од оваа сфера. Настанот започна со едноминутно молчење во знак на почит спрема сите работници кои ги изгубиле животите на своите работни места, а заврши со оддавање признание за овие жртви преку симболично засадување садници во најблискиот парк.