Зеленски отворен за дијалог под 10 услови

Сподели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на лидерите на Самитот Г-20 во Бали им порача дека дојде време да се стави крај на војната во Украина, но и порача дека ова е возможно да се случи само ако Русија го потврди целосниот територијален интегритет на Украина, пренесува Гардијан.

„Убеден сум дека сега е моментот кога на руската деструктивна војна мора и може да ѝ се стави крај. Тоа ќе спаси илјадници животи“, изјави претседателот Зеленски.

Зборувајќи на украински јазик пред највлијателната публика на која ѝ се обратил од почетокот на војната, претседателот Зеленски се претстави како човек подготвен да постигне договор со Русија, но само под услови кои го штитат украинскиот суверенитет.

Тој наведе 10 предлози на кои украинската страна би инсистирала при идни преговори со Русија:

  1. Нуклеарна безбедност и безбедност од радијација;
  2. Безбедност на достапност и трговија со храна;
  3. Енергетска безбедност;
  4. Ослободување на сите затвореници и депортирани лица од Русија;
  5. Имплементација на повелбата на Обединетите Нации за почитување на територијалниот интегритет на Украина и меѓународното право;
  6. Повлекување на руските трупи од Украина и прекин на непријателствата;
  7. Враќање на правдата;
  8. Анти-екоцид;
  9. Спречување на ескалацијата и
  10. Определување на крајот на војната.

На ваквото обраќање на украинскиот претседател, Русија реагираше преку портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој рече дека обраќањето на Володимир Зеленски дека нема да има договор „Минск-3“ за прекин на борбите во Украина потврдува дека Кијив не е заинтересиран за мировни преговори со Москва. Инаку, претходните договори од Минск беа постигнати по руската анексија на полуостровот Крим и делови од Донецк и Луганск во 2014 година.

Во меѓувреме, Генералното собрание на Обединетите нации ја повика Русија дека ќе треба да ѝ плати репарации на Украина и да биде одговорна за своето однесување.

Собранието на ОН вчера ја одобри резолуцијата, која беше поддржана од 94 од 193-те членки на Собранието, велејќи дека Русија мора да ги сноси правните последици од сите нејзини меѓународно незаконски дејствија, вклучително и обесштетување на каква било штета, предизвикана од такви дела.

Резолуцијата усвоена од Собранието на ОН, исто така, препорачува земјите-членки, во соработка со Украина, да создадат меѓународен регистар за евидентирање на докази  против Русија.

Во Украина продолжуваат воените дејствија, при што Русија се фокусира на нападите на енергетската инфраструктура на земјата. Руските сили уништиле два трансформатори и енергетска мрежа што обезбедува напојување со струја за населените места од Херсонскиот регион што се наоѓаат на десниот брег на реката Днипро и за поголем дел од Миколаивскиот регион, пишува Укринформ.

Украинската национална компанија „Укренерго“ информираше дека продолжуваат рестрикциите на струја низ речиси целата територија на Украина. За денешниот ден предвидено е да се исклучува струјата во траење од неколку часа во Кијив и Кијивскиот регион, како и во регионите Донецк, Житомир, Черкази, Чернихив, Суми, Харкив и Полтава, јавува Укринформ./Мета.мк