Жбогар: По конгресот очекувам конструктивна, а не деструктивна ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

Се надевам дека по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ следната недела, ќе добиеме опозиција која нема да биде посветена само на тоа деструктивно да ги спречи работите кои се случуваат, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за неколку медиуми, пренесува „Алсат М“.

– Подобро е да имаме опозиција која ќе и конкурира конструктивно на Владата, со идеи, предлози и сугестии, како да се корегира. Таква опозиција е потребна, а таа во овој момент ја нема. Јас се надевам дека повторно ќе го вратиме силното ВМРО-ДПМНЕ во јавниот живот и во Собранието – вели Жбогар, додавајќи оти се надева дека партиите веќе нема да имаат потреба за меѓународно посредување за решавање на внатрешните прашања.

Околу иницијативата „Жан Моне“, која го вклучува предлогот лидерите да се сретнат во Париз, според Жбогар, не била смислена да биде продолжение на Договорот од Пржино, туку да придонесе за подобрување на атмосферата.

Според евроамбасадорот очите на меѓународната заедница се вперени во спроведувањето на реформите во трите најважни полиња – правосудството, безбедносните служби и вработувањето во институции каде што има многу отворени позиции.

– Ние сакаме овој процес да биде транспарентен. Овие се нашите приоритети и таму каде што ние сакаме да видиме напредок-вели Жбогар.

Тој изјави дека во Брисел се води дебата за изнаоѓање нови начини за проширување и дека сега е време да се стане дел од тој список.

– Следната година се отвара навистина сериозна можност за тоа. Не знаеме дали ќе има подобар можност во иднина за земјата да го фати возот кој е веќе тргнат и се движи напред во натамошните настани на проширување на ЕУ – изјави евроамбасадорот.

Во врска со преговорите за решавање на спорот за името со Грција, амбасадорот Жбогар вели оти гледа добра волја од двете страни, но дека е рано за предвидување дали тие ќе завршат со успех.

Коментирајќи ги оставките во Државната изборна комисија, евроамбасадорот вели дека тоа е добра лекција која може да послужи и за слични случаи во другите институции. Според него, Изборниот законик, освен оваа точка, има потреба и за други измени и побара тие да се направат пред следните избори.