Жена во синџири не се држи
па тамам и да се напраени од убај зборој
исткаени од празни ветувања
кои кадарен не си за да ги исполниш
и шупливи обиди за да ја усреќиш
а знаеш оти премногу слаб за неа си
жена така не се врзува
не се врзува со нејзината љубов за тебе
да не можи да мрдни
да не можи животот да си го спастри
и чекорот силен и цврст да и’ биди
не се држи жена до себе
ко пиле во златен кафез затворено
кое со секое претање крилата си ги поткршува
та после чуди се оти не пеј
оти ко шуто само гледа
и чека вратничето да се отвори
ех
жена се чува ко сенката шо треба да си ја чуваш
се чува ко една на светов да е
ко после неа сиот женски род да ќе умри
се гледа ко капка вода на дланка
на сред пустина ко е чоек забораен
жена се сака појќе од шо со зборој ќе и’ кажиш
ама се сака ко ќе си спремен
од себе да откорниш за нејзе да и’ дајш
ко спремен ќе бидиш за неа светот да го превртиш
со суетата да се збогуваш
да бидиш столб нејзин
да и’ дајш да те разгали ко мало дете
а да те љуби ко млади љубовници да сте
жена се сака без страв и срам
без лажење и глума
без изговори и време купување
жена се сака со душа и тело
да ти копнее срцето по неа
и телото да ти трепери покрај неа
твојот збор камен тежок да биди
да не ја изневериш пулејќи по други
ниту она што си и’ го ветил да го погазиш
жена се сака ко себе шо треба да се сакаш
со нежност и сила
со внимание и почит
со страст кој траги на телото остава
ама душата да и’ ја пазиш
и без модринки да и’ ја оставиш
чиста и мека
како шо те дочекала таква да ја пуштиш да си оди
ако знајш оти за неа не си
да си голем чоек и голем маж
чесен и достоен за почит
да не ја бербатиш љубовта нејзина ако не знајш да вратиш
ако не ја љубиш чесен да си, душата да не и’ ја валкаш
ниту лузни по неа да шараш
да си маж, голем и за почит
да се истајш од неа и да ја ослободиш
жена во синџири од љубов не се држи
да венее и да се суши ко цвеќе без вода
жена не се врзува насила
ниту со измама до себе се држи
ко пиле во кафез прокопсано
ко ти мене…ко ти, мене