Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, имаше средба со Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, на која силно беше поздравено донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Заеднички се констататира дека со овој чин, Република Северна Македонија демонстрира силна политичка волја за продолжување на реформите во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата, испраќајќи силна порака кон меѓународната јавност за политичката заложба на нашата земја кон носење на конзистентни одлуки во еден комплексен предизборен период, кога станува збор за преземање неопходни чекори за продолжување на европскиот курс на земјата.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Буриќ, ги поздрави судските реформи во нашата држава, оддаде признание за севкупниот направен прогрес и даде отворена поддршка за сите процеси кои имаат за цел подобрување на нашето опптество.
Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, за време на посетата на Женева оствари повеќе средби и
разговори со министрите за надворешни работи на Германија, Мас; на Франција, Ле Дриан; на Данска, Кофод; на Австрија, Шаленберг; на Хрватска, Радман; на Грција, Никола Дендиас; односно ЗМНР на Албанија, Агрон Таре; на Романија, Корнел Ферута; на Катар, Лолва Рашид Ал Катер; на Обединетите Арапски Емирати, Ахмед Ал Агарман и на Јапонија, Оми Асако.
На средбите од страна на ЗМНР Жерновски беа повторени стратешките приоритети на земјата, како и побарана поддршка за кандидатурата за членство на земјата во Советот за човекови права на ОН за периодот 2025-2027. Воедно, кусо информираше и за активностите кои во континуитет на национален план се преземаат, со цел доследна промоција и заштита на човековите слободи и права.
Во фокусот на разговорите со колегите од земјите членки на ЕУ беа и европските интеграции на Република Северна Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес.
Од страна на соговорниците беше посочено дека методологијата ги задоволува барањата на земјите членки, што го враќа оптимизмот во процесот на проширување, враќајќи го со тоа и кредибилитетот на Европската Унија во регионот, кој по октомвриските самити беше значително нарушен.
ЗМНР Жерновски упати оптимизам во пресрет на пролетните самити на ЕУ, под палката на Хрватското претседателство, при што нагласи „Очекуваме Советот да ја исполни обврската која си ја постави, ова е наш заедничкиот влог, нека темата за проширувањето на ЕУ биде точка на обединување меѓу земјите членки”.