Жестоки борби во Северодоњецк – градот оставен без вода, струја и гас

Сподели

 

Во Северодоњецк, град со околу 100.000 жители пред војната лоциран во Луганската област, се водат жестоки борби за неговата контрола, јавува Би-би-си. Состојбата на терен е многу сериозна, а руските сили се приближуваат од предградијата кон центарот на градот. Во градот е прекинато снабдувањето со вода, струја и гас, а дури 90 отсто од објектите се оштетени или уништени.

„Тие почнуваат да гранатираат три, четири, пет часа и почнуваат да движат напред. Оние што ќе нападнат ги убиваме, и потоа гранатирањето почнува повторно, и потоа повторно напад. И ова ќе се случува до моментот кога тие ќе бидат во можност да се пробијат низ нашите позиции на некое место“, вели Серхи Хаидаи гувернер на Луганската област.

Укринформ пренесува дека руските сили убиле најмалку двајца цивили, а најмалку пет лица биле повредени, за време на окупацијата на североисточните и југоисточните предградија на Северодонецк. Борбите продолжуваат и во правец кон градот Лисичанск, а само во период од едно деноноќие целосно се уништени десетици куќи на цивили во овој дел од Донбас.

Инаку, утрово во градот Мелитопол на југот на Украина, кој е окупиран од руските сили, дошло до силна експлозија во областа каде што е лоцирано седиштето на назначениот про-руски гувернер на областа Запорожје, Евгениј Балицки, пишува Би-би-си. Медиумите јавуваат за три повредени лица, а руските сили за експлозијата на автомобилот-бомба ги обвинуваат украинските диверзантски сили. Иако Мелитопол беше окупиран од руските сили на самиот почеток на војната во Украина, руските сили се соочуваат со отпор од украинските граѓани за време на окупацијата.

Украинските сили започнале контраофанзива јужно од градот Криви Рих, во правец кон Херсонската област на југот на земјата. Укринформ пишува дека биле убиени 63 руски војници и уништени биле 20-тина единици на различна воена опрема. Меѓу уништената опрема, е и еден воен авион Сухој-35 и руски тенкови Т-72./meta.mk