Борбите меѓу руските и украинските сили продолжуваат во Украина, но плановите на Русија да окупира нови територии од оваа земја засега не се одвиваат според предвиденото. Би-би-си објави воена репортажа од градот Бахмут во Донецкиот регион, каде што веќе шест месеци се водат жестоки борби за контрола над градот којшто пред руската агресија имаше 70.000 жители.
Би-би-си раскажува дека во градот останале околу 5.000 жители, кои живеат без вода за пиење, струја и греење. Во репортажата се наведува дека украинските војници ја бранат секоја педа од градот којшто украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша како „бедем“ за Украина. Репортерот на Би-би-си тврди дека во Бахмут се водат улични борби, но и дека украинските сили и понатаму успеваат да го држат градот под своја контрола.
Се смета дека Русија има огромни загуби во луѓе и воена опрема од жестоките борби што ги води за секој од населените места. Според податоците на украинскиот генералштаб, само во текот на изминатово деноноќие во Украина биле убиени 560 руски војници. Вкупниот број руски воени лица што загинаа од почетокот на воената агресија на 24 февруари лани се искачил на 138.340, јавува Укринформ. Овие бројки не можат да бидат потврдени од независни извори.
Покрај руски и украински војници, во Украина секојдневно гинат и цивили. Само во Донецкиот регион во изминативе 24 часа загинал еден цивил, а еден бил повреден, пренесува Укринформ. Во Херсонскиот регион како резултат на руското ракетирање загинале тројца цивили, а еден жител на овој регион бил повреден. Во руските напади врз Харкивскиот регион било повредено едно лице, а украинските власти информираат и за напади врз цивилни цели во населени места во регионите Запорижја и Суми.
Руските власти пак тврдат дека напредувале кон запад во должина од два километри во изминативе четири дена на линијата на фронтот во Украина, без да се дефинира точната локација на пробивање, пренесува Гардијан. Украинските власти демантираат дека руските воени сили успеале да ги пробијат одбранбените линии изминативе денови./Мета.мк