АЛЕПО (АА) – Стотици илјади цивили, жители на градот Алепо се изложени на интензивни напади од страна на режимот на Башар Ал Асад и иранските шиитски милиции, кои го поддржуваат режимот. Жителите на градот останаа без леб, бидејќи пекарниците не работат, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од 15 јули досега, продолжуваат со своето насилство и интензивните напади од копно и воздух врз градските населби што се под контрола на опозицијата.
Во последните 16 дена животот го загубија 739 цивили, а ранети се 2.500. Сите болници и училишта во градот се затворени.
За покривање на потребите од леб на околу 300.000 цивили што живеат во подрачјето, од саботата продолжиле да работат само 3 пекарници.
Директорот на цивилната заштита на Алепо, Неџип Енсари, за Anadolu Agency (AA) изјави дека од саботата пекарниците продолжиле да произведуваат леб за граѓаните.
„Остана стотици илјади лица да се снабдуваат само од 3 пекарници. Јасно е дека не е возможно тие да произведат леб за сите. Мал број луѓе можат да имаат корист од нив. Останатите пекарници или се погодени од бомбардирањата, или немаат брашно. Во саботата требаше да се дели леб во овие 3 пекарници, но поради интензивните воздушни напади, леб не се делеше. Пет дена од пекарниците не излезе ниту еден леб“, вели директорот Енсари.
Поради блокадата од страна на режимот, од 7 јули досега, ниту еден хуманитарен конвој на Обединетите нации не успеа да влезе во Алепо.