Народниот правобранител Насер Зибери, на денешната прес-конференција информира дека како овластен предлагач до Владата ќе достави Иницијатива за измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, кои се однесуваат на прашањето на казнената камата.
“Долг од околу 370 илјади денари, за девет години станува над 800 илјади. Долг од над 500 илјади 11 години достигнува сума од над 2 милиони денари” – ова се само дел од случаите кои стигнале до Народниот правобранител во кои граѓаните се во должничко ропство.
Од Омбудсманот предлагаат казнената камата да не може да биде поголема од основниот долг, односно измените одат во насока која каматата ќе го достигне главниот долг, односно ќе ја достигне висината на главниот долг и истата да престане да тече.
„Денешната прес-конференција ја организирав за да ја информирам јавноста дека до Владата, како овластен предлагач, ќе дoставам Иницијатива за изготвување предлог за дополнување на одредбите од Законот зa облигационите односи и Законот за извршување, во делот на наплатата на каматите во постапките за извршување.
Конкретно, станува збор за предлог кој произлегува од нашето предметно работење, а се однесува на прашањето за казнената камата.
Нашиот предлот – е казнената камата да не може да биде поголема од главниот долг, односно дека измените одат во насока кога каматата ќе го достигне главниот долг да престане да тече. Да бидам прецизен, предлогот на Народниот правобранител се однесува на членот 268-а од Законот за облигациони односи каде е потребно да се додаде нов наслов -Кога каматата престанува да тече, поточно да се додаде нов член 268-б кој би гласел:„Казнената камата престанува да тече кога сумата на втасаните, а неисплатени камати, ќе ја достигне главницата“.
Ова, меѓу другото, го рече народниот правобранител г. Насер Зибери на прес-конференцијата на која информираше за Иницијативата за законските измени.
Тој, исто така, рече дека следствено треба да се направат измени и во Законот за извршување каде е потребно да се додаде нов член 18-а кој би гласел:
„Кога сумата на втасаните, а неипсплатени камати, ќе ја достигнат главницата, извршителот во постапката на извршување, престанува да пресметува и наплатува и законска казнена камата“.
„Воедно, заради доследна гаранција на уставниот принцип за правна сигурност на граѓаните, како составен дел од приципот на владеење на правото, во преодните и завршните одредби на овие закони измени потребно е да се нормира, како поповолни да се применуваат и на постапките за извршување кои се во тек“, истакна народниот правобранител, г. Насер Зибери.