Владата на вонредна седница донесе одлука 14 и 15 февруари да бидат денови на жалост поради тешката сообраќајна несреќа која се случи на патниот правец Скопје – Тетово.
Премиерот Зоран Заев по завршување на седницата соопшти дека бројката на загинати се зголеми на 14, а шестмина се борат за живот.
„Автобусот се движел на релација Скопје-Тетово, несреќата е кај село Ласкарци. Неутврдени се причините, истрагата е под раководство на надлежниот обвинител. Денеска е завршена на лице место, продолжува, и веднаш штом ќе заврши, ќе бидат соопштени сите факти и детали за причините за случувањето на оваа тешка сообраќајна несреќа. Автобусот поминал директно на спротивната страна, ја поминува спротивната страна, влегува дури и на регионалниот пат, паѓа на регионалниот пат и паѓа и понатаму после регионалниот пат во делот на удолнината. Интервенциите беа брзи на сите институции, вклучително МВР и државните болници, но и сите приватни болници коишто промтно и безпоговорно веднаш ги испратија сите свои ресурси“, соопшти Заев како се случила несреќата.
Тој најави дека ќе ги посети повредените во болниците, а во наредните денови ќе се донесат и одлуки за поддршка на семејствата на починатите.
На деновите на жалост, знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.