ЗНМ и СЕММ со насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во интерес на подобро информирана јавност и побезбедни новинари и медиумски работници при извршување на нивните секојдневни професионални обврски, подготвија публикација со наслов: „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19)“.

Публикацијата, во првиот дел, нуди насоки за етичко, професионално и одговорно известување за коронавирусот во услови на светска пандемија. Во таа насока, обезбедени се препораки да се користат релевантни извори на информации, да се избегнува сензационализам, да се употребува соодветен речник, внимателно да се  користи визуелизацијата и друго.

Вториот дел на публикацијата претставува еден вид на протокол за заштита и самозаштита на новинарите и медиумските работници при пандемијата од болеста КОВИД-19 (коронавирус). Во овој дел се говори за стандардните мерки за претпазливост, а се обезбедуваат и препораки за известување на новинарите и медиумските работници од терен, како и насоки за редакциско работење и гостувања во емисии на надворешни лица.

Автори на Насоките се извршната директорка на Советот за етика во медиумите, д-р Марина Тунева и Огнен Јанески, новинар и алумни истражувач при Одделот за јавни информации на ООН.

Публикацијата е достапна на македонски (линк) и албански јазик (линк), а наскоро ќе биде преведена и на англиски јазик.