ЗНМ: Осуда за односот спрема новинарите во зградата на Уставниот суд

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија го осудува однесувањето на вработените во Уставниот суд кои на недозволив и неевропски начин ги третираа новинарските екипи кои сакаа да ја проследат денешната средба меѓу претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.
И покрај тоа што медиумите уредно биле поканети за да ја проследат средбата, на новинарските екипи им било дозволено само да снимат неколку инсерти, а потоа биле избркани од зградата на Судот.
Иако во просториите на Уставниот суд има просторија која е предвидена за новинари, вработените во Судот на дрзок начин ги испратиле новинарите надвор од зградата и ги известиле дека изјави за средбата ќе можат да се земат само надвор од зградата.
Овој инцидент е дополнително недозволив кога се знае дека токму Уставниот суд е оној кој треба да биде главен заштитник на слободата на говорот. Го повикуваме Судот во иднина да обезбеди достојни услови за работа на новинарите и да не поставува негативен пример во општеството за односот институција – новинари, се наведува во соопштението на ЗНМ.