ЗНМ: Осуда за заканите и навредите врз новинарката Мирослава Бурнс

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува заканите и навредите врз новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс од страна на Ласте Ивановски, вработен во Царинската управа.

Во текот на вчерашниот ден Ивановски преку социјалната мрежа Фејсбук упатил недолични навреди и закани кон новинарката Бурнс. Овој непримерен начин на комуникација и малтретирање е неприфатлив и претставува директна закана кон слободата на говорот.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите мерки за расчистување на овој случај. Истовремено, земајќи во предвид дека заканите се изречени од лице кое е државен службеник ги повикуваме неговите надредени од Царинската управа да преземат соодветни санкции против нивниот вработен со цел вакви случаи да не се повторуваат во иднина.

ЗНМ потсетува дека онлајн заканите и малтретирањето се во подем во предизборниот период и уште еднаш апелира до партиите и граѓаните да се воздржат од закани кон новинарите бидејќи тоа претставува кривично дело за кое се предвидени ригорозни казни.