Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија ја разгледа претставката на Кабинетот на претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, во врска со објавувањето на фотомонтажа од дневниот весник „Слободен печат“ од 30. ноември 2017 ,со наслов „Вака ли ќе се помириме“.
Со неа се прави поврзаност меѓу чинот на доделување на признанието од претседателот Иванов на директорот на Македонска опера и балет, Игор Дурловски и сцена од повредените пратеници од насилствата во македонскиот парламент.
Советот на честа констатира – наводите на Кабинетот на претседателот дека објавената фотомонтажа го нарушува угледот на институцијата Претседател и ги омаловажува одликувањата и признанијата на државата, се неиздржани.
Угледот на претседателот најмногу зависеше од однесувањето на самиот шеф на државата за време на политичката криза. Тој ги помилува учесниците во аферата за прислушување, која потоа беше повлечена, надвор од неговите уставни ингеренции спречуваше да се формира нова влада и врачи признание на институцијата на чие чело беше еден од организаторите на насилниот упад во Собрание на 27 април годинава, кое Јавното обвинителство го оквалификува како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Затоа, Советот верува дека „Слободен печат“ со објавувањето на оваа фотомонтажа, не го прекршил Кодексот на новинарите на РМ затоа што новинарите имаат право фактите да ги стават во одреден контекст и да ги интерпретираат истите, со цел на едноставен начин да пренесат одредена информација до јавноста.
Во врска со тврдењата на кабинетот, дека весникот грубо го прекршил правото на презумпција на невиност на игор Дурловски, Советот не најде такви наводи во објавениот текст. Напротив, оцени дека истиот може да се смета како добар пример како новинарите треба да известуваат за судски постапки.