10 години Прво па женско: “Години будни”

Сподели

 

Под слоганот „Години будни“ оваa година ги одбележуваме нашите долгогодишни соработки и остваруваме нови вмрежувања. Тоа е суштинската практика и значење на ПРВО ПА ЖЕНСКО, зашто само на тој начин заеднички дејствуваме за градење на заедници кои придвижуваат.
 
Слоганот на ППЖ оваа година освен што го отсликува нашето десетгодишно активно дејствување во културата и активизмот, исто така гради паралела и со феминистичкото и женско движење на овие простори години наназад. Колку што претставува одбележување на еден ретроспективен преглед во минатото, толку е и повик за нови борби, нови начини на отпор и борба против патријархалните норми, практики и тесниот светоглед – најчесто оправдани како „природниот ред на нештата“. Оваа година ПРВО ПА ЖЕНСКО потсетува на истрајноста на феминистичкото движење и ја потврдува неговата феминистичка визија за слобода и трансформирачка моќ за оние на маргините.
 
Јубилејното издание го поделивме на два дела: пролетно будење со богата дискурзивна програма и на есен нудиме визуелна програма за сечии будни очи. Фокусот на првиот дел од фестивалот се хуморот и сатирата. Меги Хенефилд – универзитетска професорка (University of Minnesota), го крепи овогодинешниот фестивалски предзнак. „Не постои пожестоко политичко оружје од смеата“ вели таа во нејзиниот текст за клучната улога на комедијата во феминистичкото движење. Субјективната природа на хуморот и неговата зависност од општествениот контекст во којшто се случува, го прават исклучителна алатка за оние коишто сакаат да коментираат, интервенираат или укажат на извесна ситуација или состојба. Сета среќа, 🙄 историски, како главни коментатори се јавуваат мажите. Ова главно произлегува од нивната општествена доминантност, за разлика од жените и останатите малцинства, кои се историски маргинализирани и во областа на комедијата. Ваквата несразмерна алокација на моќ подразбира и веќе утврдена јавна перцепција за тоа што е смешно, со кои ситуации се подбиваме и кои се исмеаните, а најчесто тоа се маргинализираните заедници.
 
Дискусијата околу хуморот во рамките на феминистичката борба не е ништо ново. Напротив, веќе со години наназад се зборува неспорната субверзивна моќ која се раѓа од феминистичката комедија. Настрана класичните концепти и модели на комедија, социјалните мрежи, особено ТикТок, пласираат нови и свежи начини на кои се исмева мизогината чума во кибер просторот. Оттука, потребата за да се прошири ваквата дебата на овој тип феминистичка критика се чини како логичен следен чекор во приказната за ПРВО ПА ЖЕНСКО.
 
Заради ова, фестивалот оваа година ја отвора темата хумор како феминистичко средство кое се испречува пред колоната мизогини и штетни стереотипизирања со патријархалниот хумор. Се потрудивме годинешната програма да ја отсликува ваквата заложба за окупирање на овој „машки клуб” и да ја преиспитаме функцијата на хуморот во општествени рамки, од гледиште на исмеаните.
Елена Петрова и Јана Коцевска
***
 
Пролетно будење // Говорна и перформативна програма на тема „ХУМОР“ // 
март – мај 2022
Школа за феминизам: ФЕМ 101, во соработка со Медуза (доделување на сертификати на учесничките на 26 мај во клуб МКЦ)
 
13.05.2022 | Филхармонија | 20ч.
ПичПрич на тема „Цепки“ – концепт на Румена Бужаровска и Ана Василева. Учесници: Катерина Попова, Маја Казакова, Петар Андоновски, Софија Ристевска, Мима Симиќ, Илина Арсова и Јана Јакимовска
 
26.05.2022 | МКЦ клуб | 20ч.
Stand-up комедија – со Софија Ристевска, Ангела Стојановска и Борис Геј – дрег крал (Глазгов)
 
05.06.2022 | Музеј на современа уметност | 11ч.
„За родова еднаквост потребни се двајца“ – работилница за деца со уметницата Селма Селман
(по принцип на отворен повик)
 
11.06.2022 | Театар Комедија | 20ч.
Срамота! и забава со Зоки Бејбе (во рамки на Скопски викенд на гордоста)
 
18.06.2022 | Младински културен центар – Дансинг сала | 19ч.
„Гол живот“ – перформанс на Оља Грубиќ (ВиаНегатива, Љубљана)
 
 Дизајн на постер КОМА дизајн студио
Ова издание на Прво па женско е поддржано од: Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, FRIDA | The Young Feminist Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура.
Партнери и соработници за #ППЖ10: Медуза, ПичПрич, Младински Културен Центар, Коалиција Маргини (Skopje Pride Weekend), Контрапункт (КРИК – фестивал за критичка култура), Helsinki Citizens’ Assembly (HCA), Приватен Принт и ЦИНИК – центар за истражување на анционализмот и културата.