Првите количини линдан, ископан од малата депонија во ОХИС ќе бидат извезени на почетокот на мај. Чистењето на опасниот отпад, најави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини, оди побрзо од очекуваното, па наместо една година, би требало целосно да заврши до крајот на годинава. Од средината на март, кога започнаа ископите на малата депонија, па досега, исчистени и спакувани се околу 450 тони отпад од ХЦХ и околу 150 тони контаминирана земја. Веќе се складирани голем број на специјализирани буриња и се чуваат во дворот на ОХИС. Деновиве ќе бидат натоварени во седум контејнери и ќе бидат испратени на уништување во Франција, пишува мета.мк.
Во меѓувреме, информираат од Министерството, се сменија и претпоставките за количините опасен отпад кој се криеше во малата депонија. По првичните проценки дека има околу 1.600 тони висококонцентриран ХЦХ отпад и околу 4.000 тони земја, како и околу 1.000 тони бетон, состојбата на терен укажува дека таму веројатно има меѓу 2.500 и 3.000 тони опасен пестицид, а многу помалку земја, околу 3.000 тони.
„Работите се одвиваат побрзо од што очекувавме и веруваме дека чистењето може да заврши до крајот на годината, а не да трае 12 месеци. Истовремено, работиме на измени на Законот за животна средина, со кои ќе се направи листа на сите жешки точки во државата врз основа на која државата или сопствениците на земјата ќе имаат обврска да направат план за рехабилитација. Тоа треба да значи можност за решавање на локациите како Јегуновце, Лојане и други“, посочи Нуредини.
Од Министерството за животна средина денеска информираа дека извозот на опасниот отпад ќе се одвива сукцесивно, заради тоа што инсценераторот во Франција има одреден месечен капацитет на количини кои може да ги прими и да ги обработи.
Александар Мицковски од Канцеларијата за ПОПс информира дека првите мерења на воздухот во околината на шаторот под кој се врши ископот покажуваат дека нема зголемени концентрации на линдан во споредба со мерењата направени пред да се започне со работите.
„Сите активности, се прават со цел да се обезбеди максимална безбедност на околината, на вработените и на граѓаните кои живеат во близина. Притисокот надвор од шаторот е повисок, така што сите емисии кои се генерираат при ископот не можат да излезат надвор. Тоа се потврдува и со мониторингот на квалитетот на амбиентниот воздух кој се врши на три места лоцирани околу малата депонија“, вели Мицковски.
Тој информира дека на неколку точки во депонијата се најдени и одредени количини жива со различни концентрации кои ќе бидат уништени според стандардите.
Успехот на чистењето на малата депонија ќе биде пресуден за продолжување на работите и на големата депонија, која е лоцирана веднаш до малата. Се работи за пет пати поголеми количини линдан складиран под куп земја, за кои ќе бидат потребни најмалку 45 милиони евра за да се исчистат. Од министерството информираат дека е формиран мултипартнерски фонд за мобилизирање на средства за продолжување и на овие активности.
„По завршувањето на чистењето на депонијата и дислокацијата на базенот, ќе се земат примероци од околината за да се утврди колку е загадена почвата и дали концентрациите на линдан се безбедни да останат. Доколку се повисоки ќе се врши биоремедијација или фиторемедијација“, информира Мицковски.