12. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Сподели

 

Oд 3 до 7 август во Битола под мотото „Следи ја светлината“ ќе се одржи 12. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Фестивалот ќе се одржи на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настанатите надвор од натпреварувачката конкуренција ќе се одржат на сцената на НУ Народен театар Битола.

„Битолино“ оваа година започнува со театарска работилница со наслов „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски.

На фестивалот први ќе настапат Театарот за деца и младинци со претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов, а потоа и „Куклен театар Марибор“ од Словенија со „Срце во темнината“ во режија на Тања Лужар.

Во рамки на програмата на Битолино ќе гостуваат: „Мил Рострос“ театарот од Мексико со куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата за деца „Mирно! статуата што го обиколи светот“ во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи и во изведба на гостите од Кипар,  претставата-мјузиклот „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир, куклената претстава „Малиот џин“ во режија Ним Гардуњо и во изведба на „Мил Рострос“ театарот од Мексико. Следуваат претставите:  „Скитници“ на Театарската група „Хипо“ од Грција во режија на Александрос Раптис, Фотис Доусос,  „Под половина капка вода“од Србија во продукција на „Станица – сервис за современ танц“, во режија на Јована Ракиќ Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ, „Каде е Фофо?“ авторски проект на  Рути Тамир од Израел и претставата во продукција на „Станица – сервис за современ танц“ од Србија.

Последната претстава за ова издание на фестивалот ќе биде копродукцискиот проект „Лила“ на Куклената организација која навистина ни треба – LOFT и Уметничка организација CLOU од Хрватска, во режија на  Морана Доленц.

Во рамки на фестивалот ќе биде доделена наградата „Гран При за најдобра претстава во целина“, за што ќе одлучуваат  врвни уметници основачи на новото здружение на детски театри – Македонски национален центар АСИТЕЖ. Претседател на жири комисијата ќе биде Благој Мицевски, режисер и костимограф, а покрај него како членови на жири комисијата се: Игор Ивковиќ, театарски режисер и Миодраг Неќак, композитор.

ИДТФ „Битолино“ е во организација на „Бабец театар“, а финансиски е поддржан од Министерството за култура, Општина Битола и е составен дел од програмата на Битфест 2023.