Легендарниот блуз пејач Тери Еванс и гитаристот Џо Коломбо се првите ѕвезди кои ќе настапат на овогодинешното, 20-то издание на Блуз и соул фестивал, со почеток од 20:30 часот во Сити Хол.
Тери Еванс е дел од легендарната генерација на блуз и соул пејачи, предводена од Сем Мур, Попс Стејплс, Мајти Сем МекКлејн и други. Добитник е на „Златна плоча“ за учество во албумот на Џон Фогерти, „Eye of the Zombie“. Како главен вокалист се појавува и во бендот на Рај Кудер, во албумите „Chicken Skin Music“, „Get Rhythm“, „Show Time“ и „Slide Area“.
Еванс има снимено осум албуми, а настапувал и со голем број на звучни имиња од блуз сцената, меѓу кои Џон Ли Хукер, The Staples Singers, Боз Скегс и многу други.
Во Скопје доаѓа во рамки на неговата европска турнеја. Организаторите велат дека ова е ретка можност скопската публика да види и слушне оригинален блуз и соул вокалист.
Билетот за вечерашниот концерт чини 300 денари, а може да се купи во продажните места на Југотон и Купи карти за се.