СЈО денеска треба да каже што им одговорила УБК за тајните податоци во „Тврдина 2“

Сподели

Денеска во 11 часот во Основниот суд Скопје 1 треба да се одржи ново рочиште за случајот „Тврдина 2“, во кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги товари поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и уште шест лица за уништување документацијата поврзана со системите од незаконското прислушување.

На денешното рочиште СЈО треба да го извести судот за одговорот што добило од Управата за безбедност и контраразузнавање на барањето за користење класифицирани информации во судската постапка.

На подготвителната расправа за судењето за „Тврдина 2“, која се одржа на 28 ноември минатата година, судијката Лидија Петровска го задолжи СЈО да побара дозвола од органот што ги создал тие податоци да бидат користени во судска постапка, односно да бидат декласифицирани со степен за употреба во судска постапка.

Од СЈО минатата недела за „Мета“ потврдија дека добиле одговор од надлежните институции за користењето на податоците. Оттаму не откриваат што им било одговорено, но велат дека за тоа ќе го запознаат судот на денешното рочиште.

„Тврдина 2“ и случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, беа првите два предмети за кои СЈО на 15 септември минатата година поднесе обвиненија.