21 издание на OFFest во Националната опера и балет и МКЦ

Сподели

 

Дваесет и првото издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 1 до 4 јуни во Националната опера и балет и МКЦ.

Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм. ОФФ-Фест 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав PERIJA, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури DOBRILA & DORIAN DUO, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Apocryph“ (SJF Records, 2021).

Мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист BALLAKE SISSOKO од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент LUCAS SANTTANA, создаваат услови за беспрекорно концертно доживување. Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори LOS PIRAÑAS е еднакво погоден за слушање и за танцување. Величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка MARIA MAZZOTTA ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – NANCY VIEIRA. ОФФ-Фест 2022 ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив SANTROFI од Гана.

Во рамките на фестивалската програма ќе биде прикажан и документарниот филм “The Rumba Kings”, посветен на конгоанската румба.