СРПСКАТА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНИЈА, ВО ВРЕМЕТО НА МИЛОШЕВИЌ

Сподели

Повикот на Милошевиќ од Газиместан на 28.јуни, 1989 година, по повод 600 годишнината од Косовската битка го поттикна будењето на големосрпскиот национализам и хегемонизам на целиот југословенски простор и почна да се доживува како сериозна опасност по самостојноста на другите народи и републики.

Слободан Милошевиќ, кој што беше прогласен за “српски вожд” не ги криеше своите амбиции да ја преземе улогата на некаков спасител на Југославија, во која што Србија ќе има доминантна и водечка улога. Откако направи вистинска чистка на своите политички противници во Србија и Војводина, тој тргна во поход на смена на раководството во Црна Гора, со намера неговата таканаречена „јогурт револуција„ ( српските јуришници добиваа на своите уривачки митинзи неограничени количини јогурт), да продолжи до Словенија.

Националистичката еуфорија, за жал, го зафати целото српско општество, а предводник и носител на сета таа пропаганда станаа изданијата на белградска “Политика”, на чие чело Милошевиќ го постави својот послушник Живорад Миновиќ, по смената и протерувањето на најугледните новинари од оваа новинска куќа.

Овој весник, кој важеше за еден од водечките медиуми во земјата, преку ноќ се претвори во типичен партиски пропагатор од сталинистички тип. Беше воведена една рубрика „Oдгласи„ во која преку порачани или измислени писма се сатанизираа сите неистомисленици на српската политика во југословенскиот простор. Тука почнаа секојдневно да се пласираат обвинувања дека како резултат на нараснатиот македонски национализам се шири антисрпско  расположение и дека наводно на удар се наоѓаат српските културно-историски споменици и воените гробишта од Првата светска војна, кои масовно се уништуваат ширум Републиката. Круна на тие бесмислици беа тврдењата дека студентите по медицина за своите вежби користеле черепи и костури од погребаните српски војници и дека Србите во Македонија се изложени на прогони и тортури.

 Антимакедонската кампања особено се вжешти по завршувањето на Десеттиот конгрес на македонските комунисти (ноември месец), кога за нов партиски лидер беше избран Петар Гошев и кога младите реформски сили однесоа надмоќна победа над старите бирократизирани структури, противници на промените во македонското општество. Белградските кругови го обвинуваа Гошев за пробугарски тенденции и сметаа дека неговата политика води кон сепаратизам и отцепување на Македонија од Југославија. Слично како што беа обвинувани и другите партиски раководства кои не ја прифаќаа политиката на Милошевиќ. Белградска “Политика”, во тој поглед беше ударната игла на јавниот линч што се вршеше над критичарите на српскиот хегемонизам. Таа влезе во отворена битка со сите републички гласила, објавувајќи списоци со имиња на видни новинари и уредници, прогласени за странски платеници и разбивачи на југословенското единство. Тоа беше повод нашиот весник “Нова Македонија” да се обрати со “отворено писмо” до колегите во “Политика” со апел да се спротивстават на самоволијата на својот директор ( кој истовремено се прогласи и за главен уредник) и да го вратат угледот на новинарството по кое што “Политика” беше препознатлива и надвор од нашите граници. На нашето писмо беше одговорено со нови  груби напади и подметнувања, во кои не се одбираа средства  да се оцрни уредувачката политика на “Нова Македонија” окарактеризирана како поттикнувач на антисрпството и на антијугословенството.

 Кога полемиката мeѓу двата весника се пренесе и во политичките форми на двете републики, пристигна барање за смирување на страстите и отпочнување на разговор меѓу двете редакциски раководства, со цел да се надминат, како што беше речено, постојните недоразбирања, кои им нанесуваат штета на односите меѓу двете републики. Кој беше иницијатор на тој предлог, никогаш не дознав, иако претпоставував дека на такво нешто по никоја цена не би се согласило новото македонско раководство, освен политичката групација собрана околу Милан Панчевски, тогашен претседател на југословенската комунистичка партија, кој беше поддржувач на политиката на Милошевиќ и не ја одобруваше реформската опција во Македонија, предводена од Гошев.

Во Белград отпатувавме заедно со Панде Колемишевски, каде што најнапред ја посетивме редакцијата на “Борба| која што исто така беше цел на напади од страна на “Политика”. Главниот уредник Moмчило Вукотиќ отворено изрази сомнение во успехот на нашите разговори со Миновиќ. Рече: – Вие немате претстава со каков човек ќе се сретнете. Таков идиот како него не постои во цела Србија!

Не покани, по разговорите во “Политика”„ да не однесе на ручек во еден ресторан на Ташмајдан, а ние со сета наивност одговоривме дека најверојатно ќе бидеме угостени од нашиот домаќин Миновиќ , на што Вукотиќ слатко се насмеа :-Да видам, не ќе поверувам. Во секој случај, јас ќе ве чекам во ресторанот.

Разговорите, поточно расправиите со директорот на “Политика” траеjа речиси четири часа и завршија како што почнаа. Уште не седнати, тој се нафрли врз нас со напади и обвинувања дека поддржуваме и афирмираме една опасна и штетна сепаратистичка политика на новоизбраното македонско раководство и дека за тоа еден ден ќе сносиме тешка одговорност. Притоа подзеде од својот заменик една дебела папка со исечоци од нашиот весник, со цел да потврди низ бројки и наслови колку текстови биле објавени во „Нова Македонија” со критики на српското раководство и неговите политички ставови. Ние не носевме таква документација, за да ги оснажиме нашите контра аргументи за антимакедонската кампања во неговите изданија, туку предочивме само неколку текстови кои на монструозен начин ја прикажуваа и градеа сликата за македонското општество и во кои јавно се повикуваше народот на бунт против своето раководство. Исто така спомнавме дека мнозинството од српските интелектуалци и граѓани што живеат во Македонија, искажуваат згрозеност од одделни текстови во “Политика” во кои се изнесуваат бесмислени конструкции за загрозеноста на Србите во Македонија.

Директорот Миновиќ не ги ни слушаше нашите укажувања, со висок тон зборуваше како кон свои подредени службеници, убеден дека со своето врескање ќе влијае на нашата непопустливост. Во еден момент, за да ја прекине мачната и непријатна,  атмосфера,со Koлемишевски го потсетивме нашиот домаќинот дека е во редот на нештата, ако ништо друго, барем да не послужи со кафе или со некој освежителен пијалак, со оглед на тоа што патувавме по големи горештини и бевме исцрпени од долгиот пат. Малку подзасрамен од овие зборови, Миновиќ порача од нивниот ресторан овошни сокови, и на наше неверување, ни беа сервирани неколку сендвичи. Меѓутоа, разговорите повторно добија нервозна насока и Миновиќ, видно раздразнет, стана од столчето и ни посака среќен пат!

 Изгладнети и уморни се упативме кон Ташмајдан, каде што не дочека Момичило Вукотиќ со зборовите:- Знам како поминавте и како бевте угостени. Јас се погрижив денес да бидам ваш домаќин!

 Јавните полемики со “Политика” продолжија уште пожестоко, затоа што и погубната политика на Милошевиќ навестуваше не само распад на Сојузот на комунистите, туку пропаст на југословенската држава. Тоа набргу се потврди на 14. Вонреден конгрес на СКЈ, кога партијата доживеа целосен дебакл. Инаку, директорот на “Политика” беше сменет неколку години подоцна од истиот режим кој што го постави и го злоупотреби.

НОВИНАРСКИ ХРОНОПИС, Георги АЈАНОВСКИ