Европската унија одобри дополнителни 30 милиони евра помош за санирање на последиците од бегалската криза во Западен Балкан, пренесе Танјуг.
Средствата се наменети за Македонија, за Србија и другите држави на Западен Балкан, а ќе се користат за потребите за управување на границите и бранот мигранти, за обезбедување сместување и услуги за мигрантите и бегалците, како и за поддршка на локалните заедници.
Европската комисија наведе дека овие средства се одобрени покрај 59 милиони евра кои веќе се доделени на Македонија и на Србија од почетокот на мигрантската криза во 2015 година.
– Одобрениот пакет ќе помогне во понатамошно подобрување со управувачките капацитети кога се во прашање границите и миграцијата во регионот. Ќе овозможат продолжување на поддршката на пограничната полиција со цел контролата на границите да се спроведува со согласност со европските стандарди и со цел запирање на криумчарењето на луѓе. Средствата ќе обезбедат понатамошна поддршка за тие кои се одговорни за обезбедување на основните потреби на мигрантите и бегалците, како што е сместувањето, здравствените услуги, но и заштита, посебно на ранливите групи – се наведува во соопштението на ЕК.