Денес на одбележувањето на 73 години од формирањето на Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“- Скопје, една од најстарите и најзначајните културни и образовни установи во земјава, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски ја промовираше електронската верзија на Правописот на македонскиот јазик, која e леснo и бесплатно достапна на адресата правопис.мк (www.pravopis.mk) на Интернет.
Министерот Алаѓозовски објави дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура, во соработка со НУБ и Институтот за македонски јазик, работеа посветено во изминатиот период, за токму на овој значаен ден, на граѓаните на Република Македонија да им овозможат една нова алатка со која ќе ги унапредуваат своите знаења за користење на стандардниот македонски јазик.
„Сметам дека оваа вест претставува голема радост за сите Македонци не само во нашата земја, затоа што со неа добиваме одличен и практичен инструмент за унапредување на нашите јазични познавања и за подобра употреба на македонскиот јазик, во јавните објави и во јавната комуникација. Ова е само еден од многуте чекори што ќе ги преземе Владата на РМ за заштита и унапредување на употребата на нашиот јазик. Неодамна објавивме 11 предлог мерки, со кои ќе ги развиваме механизмите, институциите и можностите за македонскиот јазик и литература во повеќе сфери. Тоа им го должиме на нашите граѓани и ветуваме дека ќе работиме посветено за остварување на нашите заеднички цели“, истакна министерот Алаѓозовски на свеченоста во НУБ, по повод патронатот на Библиотеката и државниот празник 8 Декември.
Во Собранието на Република Македонија утре свечено ќе биде доделана државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2017 година.