На вториот ден на самитот на НАТО во новата зграда на воениот сојуз во Брисел, денеска се очекува формално од генералниот секретар Јенс Столтенберг да биде врачена поканата за Македонија да ги почне пристапните преговори за да стане 30-та членка на НАТО.
Заклучокот за Македонија денеска ќе биде усвоен како дел од финалното соопштение на НАТО од страна на дваесет и деветтемина шефови на држави или на влади присутни на состанокот.
Вообичаено одлуката ја соопшти вчера Столтенберг, кој нагласи дека зачленувањето ќе се случи откако земјава во целост ќе ги спроведе обврските од договорот со Грција.
Денеска во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Радмила Шекеринска го потпиша Меморандумот за разбирање со кој Македонија се приклучува кон „Smart Defence“ иницијативата за муниција за копнено војување. Земјите-членки на оваа иницијатива ќе добијат муниција по пониски цени, ќе ги хармонизираат залихите и ќе имплементираат заеднички решенија за складирање на долг рок.
Премиерот Зоран Заев вчера, првиот ден на Самитот го започна со учество на панелот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“. Учеството на панелот се совпадна со соопштението кое во истиот момент беше објавено, дека земјите членки на НАТО донесоа одлука да ја поканат Македонија да ги отпочне завршните преговори за полноправно членство во алијансата и македонската делегација беше пречекана со аплауз и одобрување од гостите и учесниците на панелот, соопштија од Владата.
Во дебатата на панелот, премиерот Заев одговарал на повеќе прашања и нагласил дека Република Македонија во изминатите години постојано работеше на подигање на стандардите и на имплементација на вредностите што ги негува алијансата.
Посебно внимание било посветено на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, со којшто се откочува зачленувањето на земјава во во Алијансата.