Со кого ќе се гушнете на последната станица? – Соња Ајановска Деловска

Сподели

Секогаш кога ќе се заострат меѓуетничките односи во државава непријатно нѐ изненадува по една трагедија во која учесници сме сите етникуми што живееме заедно. Да не се навраќам во минатото, сами ќе се присетите колку тага и бол се преживеани во состојби кога трагедијата не бира кого ќе го покоси. И тогаш, како некое длабоко всадено чувство на човечност длабоко од утробата проработува  кај сите нас. Се слушаат крици и воздишки по изгубени животи, по тешки судбини и желба да се помогне секому. На секој човек поединечно и заедно, без разлика колку години има, дали е сиромашен или богат, дали е македонец, албанец, ром..Сите живееме на една почва и сите делиме иста судбина.

Никако да престанеме да се натпреваруваме во глупави олимписки дисциплини: чие знаме е поважно, чиј јазик е првостепен, кому оваа земја е мајка а кому маќеа? Зарем не гледате дека децата се раѓаат тука, првите чекори се на ова тло, првиот збор му е на мајчин јазик, другарувањата се по сопствена желба, образованието и младоста се проткаени со сопствен избор, женачките и свадбите се со најразлична музика која ја свират мешаните оркестри, децата и внуците ни се заљубуваат во човек, семејствата се чуваат како светост, патуваме низ животот заедно сѐ до последната станица од која враќање нема. И зошто тогаш ние самите бираме патувањето кое што ни е подарено само еднаш на овој свет да го арчиме на неубави, непродуктивни, немирни и вознемирувачки содржини? Еднаш засекогаш седнете и размислете што би правеле доколку од почеток почнувате да живеете? Седнете, мислете мирно и трезвено.

Трагедијата што вчера се случи ја дигна целокупната јавност на нозе. Некого го кутна на коленици, а некого го кутна и во мислите. Прашајте ги мештаните што се нашле на местото, дали воопшто размислувале кому пружале помош и дали прашувале кој што е по националност? Или помагале кому стигнале и кому можеле? Многу човечки и пожртвувано. Секоја им чест. Дали вие исто би постапиле во дадената ситуација? Да?

Е па, чуму се појавија монструозни изјави по социјалните мрежи? Кому се тие наменети? Дали точно знаеле кој се наоѓа во автобусот? А што ако напишале и потоа дознале дека нивна сестра, брат или дете се наоѓало во провалијата? Како тогаш ќе си простат за нивните гадости изречени во момент на “само колку нешто да се мрчи?” Гревот ќе го носат самите, ама ние сите го чувствуваме.

Најгорливиот проблем во оваа држава е национализмот. Колку погрден збор и уште колку погрдо чувство. Да го носиш во себе, значи да си отруен. Отруен и да ги труеш другите околу себе. Никако да се искорени еднаш засекогаш. Да се спали на клада, да изгори и повеќе никогаш да не пушти корен. Сетете се колку години наназад тој владее и надвладува со нас? Страшно, просто непростливо.

Погледнете ги луѓето кои живеат без трошка предрасуди и национализам. Зарем не ви изгледаат убави, чисти и праведни луѓе? Зарем од нив не можете да прелепите ниту еден епитет, еден убав гест или да си го очистите образот како нив со пружена помош, искрено од срце? Првиот пат е тешко, но потоа ќе увидите дека тоа е соема природно и ќе се ослободите од сите стеги.

Нема крај на мојата среќа кога видов колку народ понуди несебична помош за семејствата на настраданите. Почувствував дека се искрени и несебични. Се молат тука да се сопре и да нема повеќе жртви, а за веќе починатите изразија бесконечна болка за загубените животи. Вистински и искрено. Многу ги почитувам. Тие се луѓето што ќе ја носат на плеќи оваа земја и во добро и во лошо. И за радост и за тага.

Имаме една желба сите заедно да патуваме во еден автобус наречен живот! Без презир, со многу љубов!

” Сите се возиме во ист автобус, кој денес, кој вчера, некој утре. Кога пишувам за љубов, мислам за сите луѓе што се возиме во автобусот наречен живот. Овој ден е мрачен и тажен но, и секој нареден кога мрзите некого кој не ви е во домот, а тоа е омраза кон другиот, туѓиот со кого сте заедно во автобусот.Не можете да знаете кога ќе се качите и каде ќе стигнете, со кого ќе се гушнете на последната станица.
Не ни се потребни вакви денови за љубов, секој ден е потребно да се возиме и сакаме. Денес ќе тагуваме и ќе се пребројуваме. “