6. Меѓународен фестивал на кларинет и саксофон „Сакс-клар“

Сподели

Во Музејот на македонската борба во Скопје денеска и утре ќе се одржува 6. Меѓународен фестивал по кларинет и саксофон „Сакс-клар“.

Фестивалот ќе почне вечер во 20 часот со гала-концерт на кој ќе бидат изведени стилски разновидни, но и виртуозни композиции од светската литература за кларинет и саксофон, а ќе настапат најреномираните македонски кларинетисти и саксофонисти, меѓу кои: Стојан Димов, Здравко Ангелов, Арбен Асланај, Анел Селим, Теодор Љушкоски, Сашко Темелкоски, Спире Јовановски, Горан Трајковски и Нинослав Димов, во пијано-придружба на Марија Вршкова и Маја Поповиќ-Караиванова.

Втората фестивалска вечер, концерт ќе одржи саксофон-квартетот „Сакс-клар“, во чиј состав се: Ѓорѓи Димовски на сопран саксофон, Горан Трајковски на алт саксофон, Григори Ангелов на тенор саксофон и Нинослав Димов на баритон саксофон. Концертот е колаж од стилски разновиден репертоар, кој пред публиката во целост ќе ја пренесе уметничката естетска разностраност на камерниот состав од овој вид.

Целта на Фестивалот „Сакс-клар“, кој почна во 2017 година и на кој досега настапиле реномирани светски уметници, е што поголема афирмација и промоција на  кларинетот и на саксофонот.