60. издание на „Галичка свадба“ – традиција, обичаи и култура

Сподели

 

Елисавета Булоска и Оливер Андреевски се годинашните невеста и зет на јубилејното, 60. издание на „Галичка свадба“ кое ќе се одржи од 14 до 16 јули во Галичник, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски и со поддршка од Министерството за култура.

 

 
 
“Шеесет години традиција, шеесет години радост за враќање дома во родниот крај, шеесет години Галичка свадба – историскиот мост меѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современоста.
 
Министерството за култура останува силен поддржувач на Галичката свадба, но и промотор на Галичката свадба како културно наследство кое зборува за историјата и културата на македонскиот народ.
 
Препознавајќи го значењето на манифестацијата и на галичките свадбени обичаи на мијачкиот крај, а и на македонскиот народ воопшто, со Институтот за фолклор се работи на елаборат со кој прв пат оваа уникатна жива традиција ќе ја добие заслужената институционална заштита.
 
 
 
 
Годинава, Галичка свадба ќе им донесе голема радост и среќа на невестата Елисавета Булоска и младоженецот Оливер Андреевски, при што во оваа прилика би сакала од срце да им честитам и да им посакувам долг и спокоен живот исполнет со љубов и почитување.
 
Ги поканувам граѓаните да ни се придружат во Галичник, заедно да го прославиме овој несекојдневен настан, кој особено им нуди можност на младите да се поврзат со своите корени, потврдувајќи колку сме горди на нашата култура и културни вредности”- изјави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод претстојното одржување на традиционалната манифестација „Галичка свадба“.