Петровска: Вработените во МВР да се спротивстават на беззаконието и диктаторско однесување

Сподели

 

“Работењето во Министерството за внатрешни работи согласно законите и прописите е основата за спроведување на фер, слободни и демократски избори, што е главна цел заради што е формирана оваа техничка Влада.

Владата на својата седница одржана вчера донесе одлука за поништување на решенија, при чие донесување министерот Наќе Чулев, намерно или од незнаење, не ги почитувал важечките законски и подзаконски акти.

На секој правник му е јасно дека одлука донесена во законска процедура не може да биде суспендирана врз основа на телеграма, па затоа доколку тој не се сложува со одлуката на Владата на Република Северна Македонија, треба тоа да го изрази согласно законските процедури пред институциите, а не со телеграма.

Истовремено, тој не смее да ја злоупотребува својата позиција и да ги поттикнува вработените да сторат повреда на законот и да не ја почитуваат одлуката на Владата.

Ги повикувам вработените во министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид на враќање на некои стари навики на беззаконие и диктаторско однесување” – се наведува во соопштението на Славјанка Петровска, заменик министер на МВР.