ИНТЕРВЈУ со Јасмина Котевска: Длабока е потребата човекот повремено да ја напушти стварноста

Сподели

 

Јасмина Котевска, авторка на книгата „Уметноста и дрогата – стимулирана имагинација“

 

 

Во разговорот со Јасмина, не знаеш што е поинтересно: дали градивото во книгата „Уметноста и дрогата – стимулирана имагинација“, или нејзиното секојдневие, бидејќи во огледалото на историчарката на уметност, челник на НВО „Небо“ и почитуван интелектуалец, се одразува и ситната но јака снага на земјоделка и вистински вљубеник во природата

Во сенката на последните клучни случувања здравствени и политички превирања, незабележано помина еден настан кој и онака му е наменет на помал аудиториум  – на вљубениците во уметноста кои навлегуваат малку подлабоко и ги бараат причините за одреден уметнички израз. Токму таква  дузина тврдокорни трагачи по уметнички возбуди се одзваа на поканата за промоција на научниот труд „Уметноста и дрогата – стимулирана имагинација“ на историчарката на уметност Јасмина Котевска и отворија дискусија на оваа исклучително интригантна тема.  

Наш гостин на порталот „Денес магазин“ е авторката на трудот. Во разговорот со неа, не знаеш што е поинтересно: дали градивото во книгата, нејзините размисли или секојдневието, бидејќи во огледалото на историчарката на уметност, челник на НВО „Небо“ и почитуван интелектуалец во својата фела, се одразува ситната но, јака снага на фармер од с.Суводол, Демир Хисар.    

 

 

Вљубеник во уметноста уште од основно училиште, кога заедно со другарите добила можност да ја разубави училишната кујна, Јасмина е и вљубеник во природата и своите овчички, јагненца, мачиња и кучиња. Овој неодолив спој е најолемиот повод да помуабетиме со неа.

 

ДРОГИТЕ ВО УМЕТНОСТА – ТВОРЕЧКИ СТИМУЛАНС ИЛИ МОСТ ЗА ПРЕМИН ОД МЕТАФИЗИЧКИОТ ВО РЕАЛНИОТ СВЕТ

Јасмина Котевска: Дека се работи за премин од реалниот во метафизичкиот свет говори употребата на психоактивните супстанции уште од периодот на палеолитот, во митско-религиските обичаи кои имале потреба од танц, занес и екстатична состојба. Дека човекот од многу одамна имал познавање за овие игри и ритуали се заклучува од најстарите слики по ѕидовите на пештерите во денешна Франција и Шпанија, каде што се пронајдени цртежи на фигури во момент на танцување.

 

 

Се претпоставува дека уште тогаш човекот употребувал психоактивни супстанции како помошно средство или по сугестии на шаманите за што побргу да дојде во состојба на транс или екстаза, воспоставувајќи врска со светот на духовите. Примитивниот човек многу лесно доаѓал до таа состојба за која најчесто доволна била колективната игра. Меѓутоа, колку повеќе се развивала свеста и се зголемувала цензурата на несвесното, на човекот му станувало сѐ потешко да ја елиминира контролата и да падне во длабок транс, па помошните средства станувале сѐ понеопходни. Сето ова се правело, како што се прави и денес, од длабоката потреба на човека повремено да го напушти својот секојдневен живот.

А, дека станува збор за творечки стимул, на сонишни патувања и длабоки медитативни состојби, јасно може да се увиди наjпрво во литературата кај писателите Семјуел Колриџ и Томас Де Квинси, кои во своите дела говорат за своите интимни доживувања под дејство на опиум. На нив се надоврзува групата на поети претставници на симболизмот, коишто за свои творечки потреби екпериментираат со опиум и хашиш. Шарл Бодлер, поттикнат од своите експерименти, ја пишува книгата „Вештачки раеви“ во која говори за хашишот, виното и опиумот. Поетот Теофил Готје, од друга страна, како редовен гостин на сеансите со хашиш во „Клубот на хашишисти“ ги пишува своите текстови „Опиумско луле“, „Клубот на хашишистите“ и „Хашиш“ во кои го пренесува своето лично доживување поттикнато, секако, од уметнички причини.

 

КРАЈ НА XIX ВЕК. СТИМУЛИРАЊЕ. ТВОРЕЊЕ. ПИКАСО. ЖИВОТ ВО КАБАРЕ.

Јасмина Котевска:  Уметниците кои на крајот на XIX век го посетиле Ориентот имале прилика лично да ја доживеат неговата опојност, да се фасцинираат од неговата колоритност, естетика, култура и обичаи, и во своите дела да го прикажат секојдневието на источниот човек. Оваа обземеност од опијати може да биде воочена во  делата на уметниците, Жан Леконт ди Нуи, Ежен Делакроа, Мариа Фортуни, Емил Бернар, Ежен Грасе, но и кај Пабло Пикасо. Тој во својот ран париски период ќе биде голем вљубеник во пушењето опиум. Модернизмот, пак, придонесува секојдневието на париското општество да стане омилена ликовна тематика. Кафеаните и кабареата кои на крајот на векот го доживуваат својот полн процут, имаат значајно место во ликовната уметност. Па, оттука и апсинтот како модерен „митологизиран“ пијалак станува чест мотив како во литературата така и во ликовната уметност. Преку обработката на мотивот апсинт, уметниците укажуваат на боемството кое има значајно место во општеството и на на неговите позитивни, но и негативни аспекти.

 

ДАЛИ УМЕТНОСТА НА ВАН ГОГ ЌЕ БЕШЕ ПОСИРОМАШНА ДА НЕ БЕШЕ ЉУБИТЕЛ НА АЛКОХОЛОТ

Јасмина Котевска: Апсинт, канабис, хашиш и опиум се намерно избрани како мотиви на обработка во книгата, пред сѐ поради нивната честа употреба во средината на XIX, сѐ до почетокот на XX век, кога и ќе подлегнат на прохибиција. Апсинтот е ставен во групата на хашиш и опиум повеќе од аспект на митологизиран пијалок, кој го води човекот во лудило, отколку  како некоја јака опојна супстанца.

Стумилираната имагинација е стара колку и човештвото. Ние со сигурност не знаеме дали Хиеронимус Бош кога ја сликал „Градината на земните задоволства“ бил инсиприран од визиите предизвикани од некоја психоактивна супстанца, но истражувајќи наводи во разлилчни извори, открив дека дел од творештвото од различни периоди на уметноста директно или индиректно е инспирирано од овие супстанции.

Потребата за стимулирање на креативноста ќе биде омилена тема и пракса и во подоцнежните периоди во историјата на уметноста на 60-те и 70-те години на дваесеттиот век. Но и денес е честа појава.

Да не беше Винсент ван Гог љубител на алкохолот или да не живееше онака како што живееше, не знам дали тогаш неговата уметност би била ваква. Без стимилираната имагинација, уметноста,сепак, би била посиромашна.

Мојот став е дека секој човек, а со тоа и секој уметник, е слободен да го избере својот пат на живеење. Оттаму, дали некој ќе користи стимуланси за разгорување на сопоствената имагинација е личен избор. Стимулансите имаат творечки ефект само кај оние уметници кои во себе веќе поседуваат творечки потенцијал. Психоактивните супстанции, како што покажуваат примерите наведени во книгата, се клуч со кој уметникот може да отвори врата од бесконечното множество на можности, тие се помошен елемент тој да проникне во сопствената потствест, а она што ќе го види и спознае е негово лично искуство, едно од неговите многубројни јаства. Како тоа доживување, уметникот ќе успее да го изрази низ формата на уметноста, зависи од самиот уметник и неговиот креативен потенцијал, а секако и од опкружувањето во кое живее и креира и кое ги модулира неговите перцепции.

 

 

МОЈОТ МИКРОКОСМОС…

Јасмина Котевска: Живеам во Суводол, село со најголем број сончеви денови во годината. Неговата централна поставеност, опшиено со планини од сите страни, доловува чувство како да сте средишната точка на кругот. Живеејќи малку понастрана од селските куќи, оваа самотија ми овозможува да бидам тоа што сум, да заборавам на светот наоколу, да бидам сега и овде со себе, со животните и со сите оние кои со себе ги носам.
Утрото во зависност од годишната сезона го започнувам во различен час, но секако во служба на моите пријатели животните: овците, јагненцата, кучињата, мачките…

Гледам сите навремено да бидат услужени, да имаат полни стомачиња и радосен ден. Во летниот период со семејството собираме храна за животните, која ја користиме во зимските денови, кога тие не се во можност да излезат на пасиштата. Во моментов, се грижиме за осумдесет овци, јагниња, шест кучиња и седум мачки.

 

 

Да бидам искрена, работата со животни, не е лесна работа, бара одговорност и посветеност. Но, резултат на оваа работа, со сигурност можам да речам, дека е развивање и негување на љубовта во човекот.

Знаете, понекогаш моите пријатели – животните, знаат да ме налутат, да ме насмеат, да ме израдуваат, но знаат да ме наведат и кон подлабоко развивање на невербална комуникација. Посебно се радувам кога некоја овца ќе ми дозволи да ја масирам – мене тоа ми претставува огромна чест и задоволство,  бидејќи е и знак за потенцијално подлабоко пријателство.

 

 

Кога ќе заврши денот, понекогаш талкајќи по патот по кој секојдневно поминувам, од куќата до фармата, уживам во зајдисонцата, ѕвезеденото небо и си размислувам, се запрашувам, фантазирам, сѐ со цел да откријам некоја од тајните на постоењето.

 

 

БАЛАНС МЕЃУ ЈАСТВАТА
Јасмина Котевска: Верувам дека љубовта е таа која го одржува балансот. Кога ќе ги вагам моите две јаства (интелектуалец и фармер), некако ми се израмнети. Не би се  откажала така лесно од ниедно, оти, како што реков, и двете се за мене љубов. Мислам дека ја немам таа способност да ја оставам љубовта во име на амбицијата, желбата да се биде некој, нешто, во белиот свет. Сѐ е искуство,  и мислам дека колку повеќе работи човек – совладува, толку побогат е. Не е битно каде живееш, туку колку го живееш животот!

Автор на интервјуто за Денес магазин, Евридика Николовска (Шашкова)

Фотографии: Стефан Шашков