Светски ден на срцето: УК за каридологија – Помогнете ни да го зачуваме Вашето срце

Сподели

 

Денеска, на 29 септември, се одбележува Светскиот ден на срцето. На овој ден, кога светот сè уште се бори со пандемијата предизвикана од Ковид-19, никогаш не сме биле посвесни за важноста на нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Така, оваа година Светскиот ден на срцето е поважен од сите досега. Сега е шансата за сите нас, да се осигураме дека го негуваме и правилно го чуваме срцето.
 
 
 
 
Кардиоваскуларната болест е најголемиот убиец на светот. До неа доведуваат многу причини, почнувајќи од консумирање цигари, дијабетес, висок крвен притисок, до загадување на воздухот и други болести. Во 2019 година се забележани 17,9 милиони смртни случаи во светот како резултат на кардиоваскуларни заболувања, односно 32 отсто од сите смртни случаи глобално. Од нив, 85% како резултат на срцев или мозочен удар. Во Европа, кардиоваскуларната болест е главна причина за смрт и тоа кај 47% од жените и 39% од мажите.
 
530 милиони луѓе во светот живеат со кардиоваскуларна болест и за нив пандемијата Ковид-19 беше уништувачка. Нашите пациенти беа најподложни за развивање тешка форма на болеста предизвикана од вирусната инфекција, поради што многу од пациентите се плашеа да се јават на своите рутински и закажани контроли и се изолираа од своите семејства и блиски. Пациентите кои доживуваа срцев удар го одложуваа нивниот итен есенцијален третман, поради страв од заразување, предизвикувајќи нова јавна здравствена криза.
 
 
 
 
Универзитетската Клиника за Кардиологија е секогаш достапна за своите пациенти, дури и во овие најтешки времиња на Ковид-19 пандемијата. Иако во моментов дел од Клиниката функционира и како Ковид центар, со цел да ги третира пациентите со кардиоваскуларни заболувања заразени со Ковид-19, останатиот дел на Клиниката работи со целосен капацитет, вклучувајќи голем број на коронарни интервенции, како и останати дијагностички процедури.
 
Ги охрабруваме пациентите да продолжат со својата рутинска нега на срцето, со цел да се осигурат дека ќе останат здрави. Колку побрзо се третира болеста на срцето, толку е подобар исходот кај пациентите и се намалени ризиците од компликации.
 
Помогнете ни да го зачуваме Вашето срце.