Вчера во Домот на АРМ се отвори 18-то издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2022, со серијата Современи кореографски идентитети и кореографии на тројца млади уметници, Бобан Русески, Раде Обрадовиќ и Јована Зајкова.
Современи кореографски идентитети
Бобан Русески е современ танчер и кореограф, кој завршува високо образование на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. За време на студиите, но и позавршувањето е активен дел од продукциите на Скопје танцовиот театар, со кој настапува на сцените ширум светот. Воедно, Русески работи на самостојни проекти и оваа година е дел од отворањето на Танц фест Скопје 2022 со независни продукции. Русески трага по сопствен израз во областа на танцовиот театар, инспириан од општествените прилики, кои ги коментира низ сопствен кореографски текст.
Раде Обрадовиќ е млад короеграф, кој полето на интерес го наоѓа низ претстави во кои зборува за светот на соништата и за посакуваните, можни сценарија, како исход кој однапред го избираме и одредуваме. Го инспирираат скриените чувства, потиснатите колективни трауми, табу-темите, и во сето тоа поимот за слободата. Сето тоа провлечено низ релации, врски и заедницата. Го интересерираат шаблоните кои ги повторуваме, репетицијата и трансформацијата која се случува во исто време. Според Обрадовиќ „уметноста треба да лечи, да дава насоки и да те одушеви“.
Јована Зајкова е танчарка и кореографка од Скопје. Дипломира при универзитетот “Гоце Делчев” на катедрата за современ танц и во текот на студиите зема учество во програмата на Скопје танцов театар како стажист, настапувајќи на реномирани фестивали во земјата и странство. За Јована уметноста, со посебен фокус на танцот, е алатка за откривање на светот, растење и созревање како уметник, но и како личност, станување совесен и свесен дел од општеството и наоѓање на соодветниот јазик за општење со искрено и отворено срце.
„Горда сум што фестивалот на својот 18. роденден успеа да ја донесе оваа извонредна компанија во Скопје, со што нa својата публика ќе ѝ овозможи уникатно задоволство да ги види креациите на Марта Греам создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво“, изјави уметничката директорка на Танц фест Скопје, Рисима Рисимкин.