Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери оствари средба со г. Габриелиус Ландсбергис, министер за надворешни работи на Република Литванија.
На средбата тој изрази задоволство од остварувањето на оваа посета во Република Северна Македонија како и благодарност за постојаниот интерес на Република Литванија за давањето на поддршка на евроатланските и европските интеграции на Република Северна Македонија.
Во разговорот претседателот изрази жалење за околностите во кои се случува оваа средба, кога е загрозена безбедноста на европскиот континент, односно кога Украина се соочува со неоправдана и неиспровоцирана воена агресија од страна на Руската федерација, чин што глобалната заедница, вклучително и Република Северна Македонија, силно го осудува и го прогласува за флагрантно кршење на територијалниот интегритет на суверена држава, со непочитување на меѓународно признатите граници и меѓународното право.
Понатаму, тој се осврна на неговата неодамнешна посета на Украина каде даде лична и институционална поддршка на напорите на украинските институции да ги вратат мирот и контролата врз целата своја територија. Тој потенцираше дека Република Северна Македонија како држава е приклучена кон сите мерки и обврски кои ги презема Европската унија како поддршка на Украина и тоа се мерки што ги презема како држава членка на НАТО и земја кандидат за влез во Европската Унија.
Министерот за надворешни работи на Република Литванија, г. Габриелиус Ландсбергис истакна дека силно ја поддржуваат европската интеграција на Република Северна Македонија и што е можно поскорото отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој истакна дека многу е важно Северна Македонија цврсто да се придржува кон сите санкции кон Руската федерација воведени од Европската унија. Во однос на противењето на Република Бугарија и ставањето на вето за отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија, истакна дека тоа е неприфатливо, особено во овие тешки моменти кога е загрозена европската безбедност и единството и солидарноста помеѓу европските земји се клучни за надминување на кризата. Тој укажа дека Република Литванија многу напреднала на сите полиња и тоа на демократско, економско и институционално поле кога станала членка на ЕУ.
На крајот двајцата соговорници се согласија дека е потребна взаемна поголема соработка и поддршка како земји – членки на Алијансата на НАТО, со цел надминување на кризните состојби на европскиот континент.