ИЛИ-ИЛИ: Промоција на “Ноќите кога заспивавме во Помпеја” од Давор Стојановски

Сподели

 

Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе се одржи промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, во издание на ИЛИ-ИЛИ. Промоторка на книгата ќе биде писателката Николина Андова-Шопова. Романот влезе во најтесниот круг за наградата „Роман на годината 2021“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.

 

 

„Давор Стојановски напишал сјаен роман! Возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња). Му посакувам (и предвидувам) голем успех. Топла препорака“. Николина Андова Шопова

„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ е извонредно возбудлив роман поделен во три дела, во кои од различна перспектива се објаснува приказната. Уште по првата прочитана страница читателот добива чувство на возбуда и заинтересираност, што не попушта до последната. Романот се чита во еден здив, а потоа уште долго време останува во потсвеста. Срѓан Ивановиќ, Плусинфо

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со вториот роман „Собирачи на пепел“ (2016) стана лауреат. Третиот роман „Утеха за голите“ (2018) беше номиниран за Наградата за литература на ЕУ за 2020 година.