Српскиот патријарх Порфириј го додели томосот за автокефалност на МПЦ-ОА

Сподели

 

По отслужувањето на заедничката литургија во Соборната црква „Свети Архангел Михаил“ во Белград му го врачи томосот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА на архиепископот Г.Г.Стефан. 

 

 

На заседанието на Светиот архиерејски собор во мај оваа година, СПЦ едногласно донесе одлука да се признае автокефалноста на МПЦ. За одлуката гласаа сите 42 епископи на СПЦ.

Томосот, кој беше прочитан во црквата, дава целосна автокефалност на македонската црква на територијата на земјава, но и во дијаспората.

Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат сите досегашни одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква и дека томосот ќе биде доставен и на сите останати помесни православни цркви.

Архиепископот Стефан рече дека патријархот Порфириј и Соборот на СПЦ направиле „чекор со историско значење за МПЦ-ОА и за целото православие.

„На дело покажавте колку ги сакате мирот и слогата меѓу браќата, како и целата православна црква“, рече Г.г. Стефан, пренесува „Бета“.

На денешната архиерејска литургија сослужуваа македонските владици Петар, Тимотеј, Агатангел, Григориј, како и владици на СПЦ: зворничко-тузлански Фотиј, крушевачки Давид, ремезијански Стефан, топлички Јеротеј, хвостански Јустин, избраниот јегарски Нектарије. На литургијата присуствуваа и владиката тетовско-гостиварски Јосиф, хераклејски Климент, како и српските: бачки Иринеј, марчански Сава и пензионираниот канадски Георгиј, известува српската црковна телевизија „Храм“.

 

 

По добивањето на томосот, останатите православни цркви самостојно решаваат за нивното прифаќање на МПЦ-ОА како еднаква на нив, но не се очекува дека некоја црква нема да ја прифати целосната самостојност на македонската црква.

По долгиот раскол, кој настапи во 1967 година, кога МПЦ прогласи автокефалност што не беше призната од другите православни цркви, првиот чекор на зближување беше отслужувањето заедничка архиерејска литургија меѓу патријархот Порфириј и Г.г. Стефан во Белград на 19 мај, откако Соборот на СПЦ на 16 мај годинава соопшти дека е примен актот на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, со кој македонската црква го признава претходно канонски доделениот статус на автономија, кој го има добиено од 1967 година, односно се откажа од самопрогласената автокефалност.

Потоа на 24 мај, патријархот Порфириј со други српски владици сослужуваше света архиерејска литургија со Архиепископот Стефан и македонски владици во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, кога соопшти дека е послушан апелот на МПЦ-ОА и наскоро и официјално ќе биде врачен томосот за автокефалност.

Тоа се случи денеска, со што МПЦ-ОА, првпат во својата историја стои рамо до рамо со другите помесни православни цркви, како црква чиј што поглавар е нејзиниот највисок орган.