Стопирани градежните дејствија на сите 8 парцели од ДУП-Ј07 на Водно

Сподели

 

Општина Центар стопира градежни дејствија на 8 парцели кои се дел од ДУП Ј07, кој го опфаќа локалитетот Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно во кои припаѓа и градежната парцела на инвеститорот Маркеза ДООЕЛ во парк шумата Водно до која нема пристапен пат.

На 11-та седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски побара дополнување на дневниот ред со точка за стопирање на сите градежни дејствија во ДУП Ј07 за кои во изиминатиот период имаше многу полемики и незадоволство од граѓаните на Водно.

 

 

„Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“, изјави Герасимовски.

 

 

Стопираните градежни активности се однесуваат на парцела на која веќе се почнати градежни дејствија од инвеститорот Маркеза ДООЕЛ кој има добиено одобрение за градба. Покрај оваа, стопирани и други 7 кои се потенцијални плацови за градба. Во меѓувреме инвеститорот до општината има поднесено барање за изградба на пристапен пат до парцелите во должина од околу 130 метри поради што требаше да се сечат дел од дрвата на овој потег.

Општина Центар постапи по барањето за изградба на пристапниот пат, по што на терен излезе геодет кој утврди дека нагибот на просторот каде треба да биде изведен пристапниот е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење на пристапен пат согласно актуелиот закон. Согласно ова, во овој момент Општина Центар ги прекинува сите постапки за овој дел од планот.

„Повикувајќи се на извештајот од Секторот за уредување на градежно земјиште според кој е утврдено отстапување од наклонот, јас како градоначалник, нема да издавам одобренија за градење за овој простор и овие 8 парцели. Со ова се заштитува зелениот појас на Водно но и се почитуваат законските прописи. Јас неколкупати досега повторив дека нема да дозволам никакви отстапки од предвидените нормативи и стојам на зборот. Водно ќе остане какво што е и на овој потег и ниту едно дрво нема да биде исечено“, изјави Герасимовски.