Со лажна наградна игра се мамат Фејсбук корисниците да споделат лични податоци

Сподели

 

Не е вистина дека „Шпаркасе банка“ доделува над 25 илјади евра преку наградна игра на Фејсбук. Станува збор за лажна Фејсбук страница која го злоупотребува името и брендот на банката, доведувајќи ги во заблуда корисниците во обид да дојде до нивните лични податоци. Вистинската Фејсбук страница на „Шпаркасе банка“ има повеќе од 86 илјади следачи и бројни елементи кои ја потврдуваат нејзината автентичност. На оваа официјална Фејсбук страница објавено е и известување до корисниците да не наседнуваат на лажната наградна игра која циркулира на социјалните мрежи

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е злоупотребено името на „Шпаркасе Банка“. Со лого на банката, отворена е неверодостојна фан-страница којашто ги мами корисниците на социјалната мрежа, да се вклучат во наводна наградна игра. Содржината на постот што го рецензираме, а кој е објавен на страницата гласи:

Освојте награди од нашата банка. Денес нашата банка ќе донира повеќе од 25.000 евра за првите 50 луѓе кои ќе можат да ја погодат кутијата во која се наоѓа наградата.

Во склоп на постот со ваков опис, споделена е фотографија со повеќе пакетчиња за подароци во кои наводно се наоѓа наградата. Меѓутоа, кога подобро ќе се погледне Фејсбук страницата за која се тврди дека е на „Шпаркасе банка“ и се злоупотребува и логото на банката на профилната фотографија, се доаѓа до заклучок дека воопшто не станува збор за официјална и реална туку за лажна страница.

Тоа најнапред се гледа од името на страницата, каде буквата „а“ во „Шпаркасе“ не е испишана со кирилична поддршка, како во официјалното лого на банката. Понатаму, евидентно е дека групата има исклучително мал број на следбеници, односно во моментот на пишувањето на оваа рецензија (24.06.2022) неа ја следат само 66 лица.

Но, постот што го рецензираме е вирален. Има  115 споделувања, 467 коментари и над 185 допаѓања. Дека огромен е бројот на луѓе кои поверувале во веродостојноста и релевантноста на наградната игра покажува фактот што во коментарите под објавата, повеќе корисници на социјалната мрежа Фејсбук ја именуваат бројката на кутијата во којашто сметаат дека се наоѓа „наградата“. Што, пак, говори дека објавата ги измамила да помислат дека „Шпаркасе банка“ навистина доделува повеќе од 25 илјади евра за првите 50 луѓе кои ќе ја погодат кутијата во која се наоѓа наградата. Но, награди нема, ниту пак, страницата и објавата се на официјалната „Шпаркасе банка“.

Вистинската Фејсбук страница на „Шпаркасе банка“ може да се види на следниот линк.

Станува збор за автентична страница, со повеќе од 86 илјади следачи. Таа има бројни елементи кои ја потврдуваат нејзината автентичност, како логото, свежи навремени објави и известувања за корисниците. На оваа Фејсбук страница на „Шпаркасе“,  се споделуваат објави со години наназад, наведени се генералии и линк што води до веб-страницата на банката. На официјалната Фејсбук страница објавено е и предупредување до корисниците да не наседнуваат на лажната наградна игра која циркулира на социјалните мрежи.

 

 
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека „Шпаркасе банка“ доделува над 25 илјади евра преку наградна игра на Фејсбук. Станува збор за лажна Фејсбук страница која го злоупотребува името и брендот на банката, доведувајќи ги во заблуда корисниците во обид да дојде до нивните лични податоци./Вистиномер