По повод чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски положи цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел.
Претходно претседателот Пендаровски оддаде почит и се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.
Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.
Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.
Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Осуммината се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата.
Централната манифестација ќе биде директно пренесувана на Јавниот сервис МРТ, на Facebook страницата на Претседателот и на YouTube каналот.
Положување цвеќе од страна на делегации од Кабинетот на претседателот
- Во Скопје, делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар, Миле Бошњаковски, ќе положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија, и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија“.
- Во Крушево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен.
- Во Пелинце, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ.
- Во Смилево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи свежо цвеќе на Могилата на Даме Груев, на споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“.
Чествување на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“
Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, утре – 2 август 2022 година, вторник, ќе предводи државнo-црковна делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.
Во состав на државно-црковната делегација на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.
Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.
Одбележувањето на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“ ќе започне во 12:30 часот.