Убиство со умисла на Еуростандард по налог на сивата банкарска еминенција, обвинува најголемиот акционер во банката Трифун Костовски. Признава соучество во криминална банкарска шема откриена во истрагата на банкарските експерти Драго Кос и Ирена Фрачековиќ, а која е финансирана од Костовски. Нерелевантни и неточни се нивните тврдења велат од Народната Банка.
“Веќе две години се води истрага поради стечајот на Еуростандард банката. Главната истрага ја води господинот Драго Кос со својот тим, еминентен и докажан експерт во борбата против организираниот криминал, кој во својот извештај ги обзнани девијантните појави во банкарскиот сектор, присутни во РМ скоро две децении. Ви ја давам мојата ретроспектива, анализирајќи ги сите директни или индиректни институционални соучесници во стечајот на Еуростандард банка. Мојата анализа фактографски докажува дека Еуростандард банка по наредба е донесена во стечај. Наредбата за нејзино носење во стечај е донесена една година пред обзнанувањето на самиот стечај. Причината за носење на Еуростандард банка во стечај е токму желбата на нас акционерите да излеземе од шемата на банкарскиот криминал. Со промената на стариот генерален директор Николче Петкоски, кој беше дел и соучесник во организираниот банкарски криминал, и именувањето на новиот генерален директор Горан Трајковски дадовме јасна порака до банкарскиот сектор дека објавуваме војна, што значи дека ќе прекине нашето учество во банкарските криминални шеми и ќе бидеме посветени на прибирање на одлеаните финансиски средства. Еуростандард банка беше осудена на смрт поради ваквиот чин. Во натамошниот текст таксативно ќе ги набројам постапките кои беа правени или не направени само со цел да се наштети на Еуростандард банка:
Народна банка – од четирите алатки кои ги имаше на располагање Народна банка, а тие се: редовни мерки, вонредни мерки, администрација и стечај, таа ги користи само алатките редовни мерки и стечај. Вонредните мерки беа делумно користени, иако во нивна надлежност е одземање лиценци на членовите на Управен и Надзорен одбор, како и директори на сектори, таа тоа не го направи. Алатката администрација е тотално прескокната. Во средината на 2019 година, кога на чело на банката беше стариот Управен одбор, предводен од Николче Петкоски, состојбата на Еуростандард банка од аспект на адекватноста на капиталот беше многу полоша одколку на 12 Август 2020 година, кога банката отиде во стечај. За периодот од јуни 2019 и 12 август 2020 година, ние акционерите ја докапитализиравме Еуростандард банка со нови 11 милиони евра, а новиот Управен одбор, предводен од Горан Трајковски беше целосно посветен на присилна наплата на одлеаните средства од банката за што говорат и фактите дека од септември 2019 година до февруари 2020 година, беа присилно собрани повеќе од 15 милиони евра, што значително влијаеше на подобрувањето на севкупната состојба на Еуростандард банка. Народна банка на Еуростандард банката, откако го назначи новиот Управен одбор, ѝ воведуваше драконски забрани за работа на банката со правни и физички лица. Во вториот квартал 2020 година следеше вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 каде додатно ни беше одземено правото за присилна наплата на нашите побарувања, согласно мерките за заштита на стопанството од тогашната Техничка влада. Цели 97 дена колку што траеше вонредната состојба, Еуростандард банка имаше забрана за работа со правни и физички лица и забрана за присилна наплата. Со вакви ригидни мерки и многу посилни банки би биле уништени. Поддршката за стопанството која ја даде Техничката влада во услови на вонредна , не важеше за Еуростандард банка. Народна банка многу консеквентно постапуваше кога беше во прашање Еуростандард банка. За нејзе не важеше вонредната состојба. Истовремено од месец мај 2020 година се појави потенцијален инвеститор за докапитализација на Еуростандард банка кој чекаше полни три месеци да биде примен на разговор во Народна банка. На крајот не беше примен, иако неговата целосна документација и бонитет јасно укажуваа дека се работи за солиден и сериозен инвеститор.
Ова води само кон еден заклучок. Заклучокот е дека Народна банка мораше да ја однесе во стечај Еуростандард банка со една и единствена цел, да се задскријат одлеаните пари од банката и уште поважно, да не биде откриена шемата на организираниот банкарски криминал.
Техничка влада – Во Службен весник на Република Македонија се објавени две уредби со сила на закон утврдени од страна на Техничката влада и тоа: на 24.02.2020 година е објавена првата уредба која вели дека нема стечај на правни лица минимум три месеци по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата Ковид -19, за да на 29.05.2020 година во Службен весник се објави новата уредба со сила на закон која вели: стечај на правни лица може да настапи веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен силен правен субјект кој отиде во стечај е Еуростандард банка. Сомнежот дека и Техничката влада била ставена во функција за уништување на Еуростандард банка е уште посилен со фактот што само 3 часа пред објавувањето на стечајот од страна на госпоѓата Гувернер Бежоска на ден 12.08.2020 година, член од акционерите на Еуростандард банка имаше лична средба со тогашниот Технички премиер Оливер Спасовски, денеска Министер за внатрешни работи во владата на РМ. Тема на состанокот била техничкиот премиер лично да се ангажира за прием на потенцијалниот инвеститор во Народна банка и Народната банка да има трпение кон нас акционерите за додатно докапитализирање на банката од 2,4 милиони евра. Условот од Народна банка беше да овие 2,4 милиони евра бидат уплатени најдоцна до 14 август 2020 година. Замислете, стечајот е објавен на 12 август!
Собрание на Република Македонија – Првиот човек на Собранието на РМ, Талат Џафери, беше запознат со стечајот и неговата прва изјава на директна средба беше дека Народна банка ги прескокнала процедурите. Собранието на РМ е единствено овластено со закон да ја контролира работата на Народна банка. Молкот на Собранието за непроверка на процедури на многу битна институција во стопанскиот и фискалниот систем на државата е чин кој сам по себе говори.
Обвинителство – Севкупната истрага обвинителството ја прави на база на официјалниот извештај за носење на Еуростандард банка во стечај, издаден од страна на Народна банка.
Комерцијална банка- местото и улогата на Комерцијална банка е посебно истражено од страна на Господинот Драго Кос, а јас со овој мој исказ сакам само да обзнанам дека незаконски се искористени 3 милиони евра, наменски даден депозит од Еуростандард банка во Комерцијална банка, кој не може да биде пренаменет или користен за други потреби, без согласност на Надзорните одбори на двете банки. Во договор, кој го знаат само Управните одбори на двете банки, овие средства се исчезнати.
Почитувани, заклучете дали ова не е организиран криминал?
Институциите кои треба да работат во интерес на правата на граѓаните се ставени во клише кое наликува на криминал.
На ова зло мора да му ставиме крај, Трифун Костовски.
соопштение