На денешната 80-та седница, Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделна стока, според која се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата на пазарот со електрична енергија.
Највисоката трговска маржа на електричната енергија за сите трговски друштва и трговци поединци кои вршат трговија на пазарот со електрична енергија, на големо и на мало, се утврдува во висина најмногу до 10%.
Трговската маржа за учесниците на пазарот на електрична енергија ќе се пресметува на просечната цена на електрична енергија за МWh од Унгарската берза за електрична енергија (HUPX) на дневно односно часовно ниво, на цената на електрична енергија за МWh во билатералните договори и цената на електрична енергија за МWh во договорите за снабдување со електрична енергија.
Највисоката трговска маржа на електричната енергија во висина најмногу до 10%, ќе се применува до 15 април 2023 година.
Одлуката се донесува за да се заштити од нарушување домашниот пазар и да се избегне злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и на предлог на Министерството за економија потребно е да започне да се применува пред отпочнување на грејната сезона.
Во опфатот на пазарот на електрична енергија се вклучени пазарот на електрична енергија на големо и пазарот на електрична енергија на мало согласно Законот за енергетика.
Пазарот на електрична енергија на мало ја вклучува купопродажбата на електрична енергија помеѓу снабдувачите со електрична енергија и нивните потрошувачи кои не се учесници на пазарот на електрична енергија на големо.
Пазарот на електрична енергија на големо вклучува: пазар со билатерални договори, организиран пазар и тоа пазар ден однапред и пазар во тековниот ден и пазар на балансна енергија.
Учесници на пазарот на електрична енергија на големо се: производителите на електрична енергија, трговците со електрична енергија, снабдувачите со електрична енергија, потрошувачите на електрична енергија што ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот пропишани во правилата за пазар на електрична енергија, операторот на електропреносниот систем, операторот на електродистрибутивниот систем, операторот на затворениот електродистрибутивен систем и операторот на пазар на електрична енергија.