Во електропечката на Макстил – Скопје, со палење беа уништени околу 10 тони различни видови наркотични дроги, одземени до август 2022 година, по основ на правосилни судски одлуки донесени по завршени кривични постапки, како и врз основа на судски решенија за нивно ништење.
Станува збор за уништени повеќе од 8,2 тона марихуана, потоа околу 100 кг хероин, хашиш, кокаин, над 1000 растенија, семки од канабис, како и 1,2 милиони парчиња психотропни супстанци, што претставува најголемо уништено количество запленета дрога досега, која на црниот пазар би достигнала вкупна вредност од 26 милиони евра“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на настанот во Челичарницата на Макстил, реализиран со соработка на МВР, Државната комисија за уништување на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Агенцијата за управување со недвижен имот, на кој покрај раководството на МВР, присуствуваа и министерот за правда Тупанчевски, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Асани, директорката на Царинската управа Кутирова, претседателот на Кривичниот суд Џолев, Републичкиот Јавен обвинител Јовески, шефот на скопското Јавно обвинителство Бубевски, претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност Талевски, пратеници и полициски аташеа и гости од соседството.
Како што нагласи министерот Спасовски, оваа досега најголема количина уништена дрога е резултат на бројните оперативни акции и континуираните активности коишто МВР ги спроведува во изминатите неколку години со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори, при што само во периодот јануари-јули 2022 како резултат на овие активности беше запленета дрога во вредност од 205.5 милиони евра, која ќе биде уништена по завршување на законски предвидените процедури, сузбиени 9 организирани криминални групи и спречени 7 меѓународни транспорти.
Претседателката на Комисијата за уништување на наркотична дрога, психотропни супстанци и прекурсори, судијата Даниела Димовска, заедно со останатите членови на комисијата, постапија по 449 правосилни пресуди од кои е попишана одземената наркотична дрога која е предмет на ништење.
Притоа, целата акција на транспорт и ништење на дрогата беше спроведена со максимална безбедност и во строго контролирана средина, а Макстил, со отстапување на своите капацитети, уште еднаш се потврди како компанија што активно соработува со надлежните институции и органите на власта, демонстрирајќи ја својата општествена одговорност за прашања од јавен интерес.
„Како модерна компанија за преработка на железо, со секојдневното работење, Макстил во континуитет придонесува за државата и заедницата, како од економски аспект преку нашата работа и влијанието врз домашната индустрија, така и преку нашата функција во општествената сфера. Токму во таа насока е и денешната акција, за којашто за потребите на државните органи целосно ги ставаме на располагање нашите капацитети, материјални, просторни и човечки. Макстил располага со соодветни услови но, и знаење за спроведување на акција од ваков вид, која мора биде спроведена во целосно контролирана средина, а воедно и безбедна по околината. Тоа што државните органи ни ја доделија довербата нас за исполнување на оваа одговорна задача, говори и за општата клима на соработка меѓу институциите и индустриските капацитети, но и за високите стандарди на работа на Макстил“, истакна директорот за економика на Макстил, Петар Јанески.