Вечерашниот натпревар помеѓу Грузија и Македонија ќе се игра на стадионот „Борис Паичадзе“ во Тбилиси, во 18 часот во рамки на претпоследниот натпревар во групата 4 од Ц-Дивизијата во Лигата на нации.
Македонскиот состав предводен од селекторот Благоја Милевски најави дека ќе оди на победа против лидерот во групата, и покрај проблемите со многу повредени играчи.
Од националниот тим на Македонија ќе отсуствуваат Стефан Ристовски, Дарко Чурлинов, Аријан Адеми кои поради повреди не допатуваа во Тбилиси. На оваа листа на отсутни се приклучија и Бобан Николов, Кире Ристевски и Давид Бабунски кои поради тоа што немаа ангажман, не беа со националниот тим. Го нема поради повреда и Ваљон Етеми. Дополнителни главоболки на Милевски му создаваат и неизвесноста на Дарко Велковски и на Александар Трајковски. Велковски вчера пред крај на тренингот се пожалил на повреда, а, пак, Трајковски веќе три дена е со настинка.
Грузија води на табелата со 10 бодови и за промоција во Б – Дивизијата ќе и биде доволен и бод, додека избраниците на Милевски ќе треба да триумфираат најмалку со три голови разлика, а в понеделник да ја совладаат и Бугарија во Скопје, за да изборат пласман во повисок ранг во Лигата на нации.
Пренос ќе врши МРТВ.