Маричиќ: Улогата на Парламентот во пристапните прегорите ќе се дефинира со Меморандум за соработка

Сподели

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ ја истакна важноста за вклучување и соработка со различни општествени чинители, ставајќи акцент на Парламентот како клучна институција за напредокот на преговорите и нивната динамика.

– Парламентот е значаен партнер во пристапувањето во Европската унија и затоа улогата на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, ќе ги дефинираме преку Меморандум за соработка. Согледувајќи ја важноста да се има национален консензус, ќе ги направиме сите напори опозицијата да се вклучи во процесот, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ кажа дека Северна Македонија ја има предвидено својата динамика во однос на полноправното членство во Европската унија и конкретно во однос на нашите подготовки за скрининг-процесот и последователните активности, давајќи краток осврт на усвоената преговарачка структура, која моментално се операционализира, а се заснова на долготрајните механизми за координација на ЕУ, но ги одразува и новитетите на ревидираната методологија на ЕУ за пристапни преговори.

Во Европскиот Парламент, Маричиќ го истакна своето задоволство за поддршката која ја добиваме преку активностите во рамките на дијалогот Жан Моне и изрази верување дека соработката ќе се интензивира и дека искуство на европратениците и редовната комуникација со пратениците од Собранието на Северна Македонија ќе бидат од исклучителна помош за тоа како дополнително да ја подобриме улогата на Парламентот, како форум за конструктивен политички дијалог.

– Вашата поддршка, партнерство и совети би биле уште повеќе ценети во нашите подготовки за билатералниот скрининг, бидејќи една од новите области, „Функционирањето на демократските институции во Кластерот 1, „Темели“, што е најважно од процесот на пристапување, како и подобласта за функционирање на парламентите во демократските институции, порача Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со Европската Унија ја искористи приликата и накратко ги информираше европратениците за текот на скрининг процесот, за успешно завршените преговори за Договорот за статус со ФРОНТЕКС и го најави потпишувањето на Договорот за неколку недели.

– Со гордост можам да кажам дека Северна Македонија е првата земја од регионот што го има договорот според Регулативата за европска гранична и крајбрежна стража од 2019 година. Во делот на владеењето на правото, во тек се активностите за подготовка на нова судска стратегија, како и процесот на дигитализација на судството, информираше Маричиќ додавајќи дека финансиските истраги продолжуваат, а се очекува предлог-законот за Управата за наплата на имотот да влезе во собраниска процедура.

Денеска во Стразбур продолжува вториот ден од седницата на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, со важни точки на дневен ред за развивање дебата, како енергетската криза и животна средина, добрососедските односи и регионалната соработка и Извештајот на Дијалогот „Жан Моне“.