Денес во Охрид се отвора бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ – опозицијата на протест

Сподели

 

„Цар Борис Трети“ е името на новиот бугарски клуб кој денеска ќе се отвори во Охрид, откако претходно, во Битола беше отворен клубот т.н. Културен центар „Иван Ванчо Михајлов“.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица најавија протест против отворањето на вториот клуб во земјава кој носи име на уште еден соработник на фашизмот.

Опозициските партии повикаа на масовен протест денес, а осуди стигнаа и од Еврејската заедница во Македонија, кои велат дека ова за нив преставува акт на повампирување на ликови од фашистичкиот период на Бугарија.

За Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека новиот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ е провокација и повика на масовен протест во Охрид. 

„ Груба провокација, резултат на тоа што ние како ВМРО го збориме цело време. Не станува збор за процес на интеграција, туку на асимилација, за уништување на македонскиот идентитет. Ова што денеска се случува е шокантно за Македонците, но и Евреите. Тука не гледам никаква потврда Договорот за пријателство да го нарекуваме вака. Тоа што го прават бугарската Влада и добрососедство, нема никаква врска со пријателство“, рече Мицкоски. 

Министерство за надворешни работи повика на зрело и достоинствено однесување на протестот, без „да се негираат правата и слободите на другите“.

„По повод најавеното отворање на новото здружение на граѓани во Охрид, како и јавните повици за изразување на протест против истото, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија упатува апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став“, објави МНР.