ВОЈНАТА И АНТИСОЦИЈАЛИЗМОТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Џандарите и војниците, кои со оружје в рака, како брахијална придружба на тајкуните, аристократијата и нивните политички експоненти, се оние кои гo штитат глобалниот поредок и неправедниот експлоататорски систем. По оваа крвожедна дружина, се тркала толпа од „питоми“ професори, глумци, новинари, ненадарени уметници и разно-разни аналитичари. Тие се, всушност, едно дрдорливо јато составено од неуки и полуписмени папагали. Сета оваа, збирштина од ситна буржоазија, граѓански политичари, самопрогласени „интелектуалци“ и сурововулгарни лумпенпролетери, ја претставуваат класата на просјаците, која секогаш ги врши физичките и подлите работи за плутократијата. Луѓето од оваа слугинска класа наликуваат на смрдливи човеколики мајмуни, а сосема сигурно се никаквеци, празнозборци, измамници, подлеци и клеветници. Ама, сепак, токму тие, сите заедно, како политички доминантна, компактна граѓанско-неолиберална демократска множина, претставуваат Држава, Јавност и сè она што ги негира и опструира вистинскиот Хуманизам и вистинската Демократија. Секако, и на врапците им е јасно дека обидите за петрификацијата на постојната состојба, дури и со нуклеарна сила, не се прават заради некакво човекољубие, уште помалку заради некаква „демократија“, туку единствено за заштита на богатствата и привилегиите на моќните држави и поединци.

Плутократијата од Банката на банките (Bank of England), па се’ до онаа на Wall Street, успеаја да го истероризираат цел свет со геноциди и неописливо сурови експлоатации, а згора на тоа успеаја и да го умртват отпорот на понижените и обесправените со својата халуцинантна пропаганда за некаков нивен „слободан свет“. Тоа е пропаганда која зборува не само дека треба молчешкум, или со молитва, да се поднесуваат сите страдања и неправди на земјата за да се добие блажество по смртта, туку и пропаганда која уверливо лаже за „рајот“ во сопствената квазидемократија. Таа плутократија, која претходно се именуваше како аристократија, на целото човештво, со векови му втерува смртен страв во коски од казната во Пеколот, а последните стотина години и денес, преку агресивна глобална пропаганда, втерува страв од слободата, од социјализмот, од еднаквоста, од праведноста… Од црната утроба на таа демонска и лажна пропаганда, катадневно, се брмчат разни антисоцијалистички и антихумани флоскули, а се шкрабаат безмерно многу невистинити, глупави и грозни антикомунистички и антихуманистички инвекти.

Банките и мултинационалните концерни со своите прокуристи во ликот на граѓанските политичари, корумпираните новинари и ордата потплатени интелектуалци, уште пред стотина години почнаа да развиваат и вооружени воено-политички формации за да се одбранат нивните привилегии и богатства. Како радикална десничарска воено-политичка формација, тогаш, се оформи нацифашизмот, кој беше целосно насочен кон уништување на системот од Версај и Советскиот Сојуз. Фашизмот изнедри и тотална пропагандна војна во која секојдневно се публикуваа илијадници антикомунистички памфлети и антиеврејски и расистички квази откритија и тези.

Впрочем, да не се заборави: во околности слични на денешниве, на светската сцена се јавува, во годината илјада деветстотини и седумнаесеттата, феноменот познат како социјализам, а практично конструиран од „утопистот“ и револуционерот Ленин. Во првите мигови од Октомври, на многумина концепцијата за укинување на економската експлоатација и работничка држава им стана мошне блиска и прифатлива, бидејќи таа им блескаше како светилник на Правдата и Достоинството. Нив им стана јасно дека системот капиталистички е чума за човештвото и дека има лек што може да ја уништи таа смртоносна болест. Ленин и болшевизмот удрија по цехот на светската плутократска братија, на која јадењето живи луѓе со столетија ѝ беше ручекот секидневен. Во стравот дека изнедрениот од Првата светска војна, антимилитантен Црвен октомври, ќe им ги оспори инферналните монополи, што воопшто не беше илузорен страв, се крена сета црна буржоаска реакција и аристократија и со себе ги крена сите црни легиони од антикомунисти, белогардејци и фашисти, против оваа смртна закана за нивната приватна сопственост и нивниот баснословен профит. Свесни беа плутократите дека не ќe има од што да живеат ако им се одземат енормно големите приходи од луциферското салдо/конто, кое во светските банки, трајно, се книжеа и се книжат како приход од милитаризмот и суровата експлоатација на луѓе и природни ресурси.

Во крајна линија, нема никакви дилеми дека Црвениот октомври беше феномен кој претставуваше негација на колонијализмот. Тој беше таква страшна негација, што од темел ја нишаше капиталистичката кула и сериозно се закани дека целосно ќе ја урне, та затоа во периодот по илјада деветстотини и седумнаесеттата требаше, по секој цена, да се уништи: оттаму се и големата Граѓанска војна во Русија, и долгогодишна економска блокада против советската држава, и Втора светска војна и повеќедецениската Студена војна во рамки на која не само што се водеше „мртва трка“ во вооружување, туку се водеа стотици мали вооружени, пропагандни и економски, војни. Пропаста на Советскиот Сојуз, го наруши светскиот воено-политички баланс, го урниса меѓународниот поредок втемелен врз Повелбата на Обединетите нации и антифашизмот, и со сето тоа се отвори Пандорината кутија, што го води човештвото кон неофашизам и меѓукапиталистички војни за прераспределба на моќта и богатствата. И, оттука, скоро неминовно, го води кон нуклеарна катаклизма и сигурна пропаст на светот.