И во 2022 година, како и во претходните години, Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава во европските интеграции повторно со забелешки за аерозагадувањето. Во поглавјето Животна средина и климатски промени, ЕУ на македонските власти како прво задолжение на кое треба особено да работат во идната година им го потенцира забрзувањето на напорите за намалување на загаденоста на воздухот на локално и на национално ниво.
Од Европската комисија во годинешниов Извештај посочуваат дека имплементацијата на активностите останува загрижувачка во сите сектори, вклучувајќи го решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот.
„Земјата треба значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан“, се наведува во Извештајот за реформскиот напредок за 2022 година.
Во делот на квалитетот на воздухот, во Извештајот стои дека во јули 2021 година биле усвоени измените на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух. Продолжиле и напорите во земјава за подобрување на инвентарот на емисиите на загадувачки материи во воздухот. Во Извештајот се нотира дека е подготвен Планот за квалитет на воздухот за 2021 година за Битола и Програмата за намалување на загадувањето на воздухот за 2021 година. Во август и октомври 2022 година започна подготовката на четири планови за квалитет на воздухот, заедно со пет катастри на загадувачи на воздухот.
„И покрај постигнатиот напредок, квалитетот на воздухот останува главна грижа во големите градови“, се наведува во Извештајот на Европската комисија, додавајќи дека се поставени две автоматски мониторинг станици за квалитетот на амбиенталниот воздух во општините Берово и Прилеп, како и заменети се мерните инструменти на неколку од веќе постоечките мониторинг станици.
Горјан Јовановски, еко-активист и советник од „Зелен хуман град“ во Советот на град Скопје, за Мета.мк вели дека забелешката за аерозагадувањето во Извештајот на Европската комисија се гледа веќе пет години наназад, како што веќе забележал и Аријанит Џафери од „Еко-герила“.
„Воздухот се споменува секој пат, но голем напредок нема. Македонија има многу работа, од поставување на многу поголема мрежа на мерни станици со цел следење на квалитетот на воздухот и следење колку импакт имаат спроведените мерки, до целосно насочување на соларна енергија и за домаќинствата, и за бизнисите и државните институции“, вели Горјан Јовановски.
Тој додава дека неопходно е власта во наредниот период да се насочи кон силни инспекциски надзори, проследени со соодветна казна, посебно кон бизнисите и индустријата која слободно го загадува воздухот. Јовановски упатува критика и кон Државниот инспекторат за животна средина, за кој вели дека како и да не постои. Покрај засиленото работење на инспекторите, неопходни се и автоматски мониторинг системи и одземање на дозволата за работа на оние субјекти кои учествуваат во загадувањето на воздухот. Горјан Јовановски потсетува дека поради аерозагадувањето имаме 3.000 смртни случаи секоја година во земјава.
Во однос на Извештајот за реформскиот напредок на Европската комисија, Горјан Јовановски смета дека тој е доста кус во делот за животната средина.
„Мислам дека активистите и невладините организации може да помогнат на локалната делегација на ЕУ во проширување на тој дел за следната година. Не гледам дека имаме реален напредок во аерозагадувањето, кои се тие мерки со кои што сме напреднале реално? Според мене, ЕУ треба животната средина да ја стави над сите други забелешки како најкритична по здравјето и животот на граѓаните тука. Тоа мора да биде прв и главен услов за продолжување на разговорите со земјата“, вели еко-активистот Горјан Јовановски, тврдејќи дека само така ќе почнат институциите да се борат реално против овој проблем.
Реакција во однос на поглавјето Животна средина и климатски промени во Извештајот на Европската комисија има и од граѓанската „Платформа 27“, која ги следи преговорите на Северна Македонија со ЕУ во однос на ова поглавје и во која се вклучени поголемите еколошки организации и здруженија од земјава.
„Во новиот извештај на Европската комисија се забележани подобрувањата во законодавството за квалитетот на воздух, но потребни се посериозни инвестиции во сите клучни сектори. Истa е ситуацијата и со постигнувањето на таргетите за реализација на климатска неутралност“, се наведува во соопштението од „Платформа 27“.
И Институтот за европска политика – ЕПИ ја објави редовната куса анализа по Извештајот на Европската комисија за земјава. Во делот на Поглавјето 27 – Животна средина, земјава бележи „одреден“ напредок за разлика од минатите години на стагнација или сосема ограничен напредок, но остануваат забелешките за имплементацијата, се наведува во анализата на ЕПИ.
Само неколку дена пред објавувањето на Извештајот на ЕК, Мета.мк пишуваше дека Централната лабораторија за животна средина и претстојнава зима нема да биде подготвена да го следи квалитетот на воздухот што ќе го дишеме. Иако оваа лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање постои подолг период, таа уште не е акредитирана за ниту еден метод за следење на состојбата со воздухот во земјава. Во делот на аерозагадувањето, Мета.мк редовно пишуваше и за зголемениот увоз на половни возила од странство, за наголемувачката потрошувачка на дизел горивото, за работењето на термоелектраните, за невоведувањето на еколошките налепници на возилата и на серија од други теми поврзани со квалитетот на воздухот./Мета.мк