Во среда, 26 октомври, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, ќе биде отворена ликовната изложба насловена „Маргинална уметност“.
Изложбата, која е во организација на Центарот за креативни уметности-НЕБО од Суводол, ќе биде отворена до 2 ноември, до кога љубителите на ликовната уметност ќе имаат ретка можност да ја погледнат првата македонска изложба на “брут арт” ликовни дела на штитеници на Психијатриската болница во Демир Хисар.
Изложбата е резултат токму на соработката меѓу ЦКИ-НЕБО и Психијатриската болница од Демир Хисар и истата е финансиски поддржана од страна на Министерството за култура, преку конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес за 2022 година.
Изложбата е плод на долгогодишна работа на лица кои се наоѓале или сѐ уште се наоѓаат на самите маргини во општеството. Тие се лица кои често ги занемаруваме и забораваме, или, пак, сакаме да заборавиме дека постојат. Но, тие се тука, постојат, вистински се и, пред сè, се луѓе од крв и месо. Луѓе полни со емоции, свест, љубов, желби, луѓе кои поради животни и судбински предодредености во одреден период од животот скршнале од патот на зададената реалност, па го погледнале светот во една поразлична светлина. На оваа изложба уметници се лица сместени во Психијатриската болница во Демир Хисар, која за повеќето од нас претставува кошмар и буди потсвесен страв од непознатите состојби на умот, страв од болеста, а пред сѐ, од лудилото.
Токму во тоа „лудило“, токму во таа институција, во изминатите дваесетина години се создадени фантастични ликовни дела, кои воедно ќе бидат прикажани на оваа изложба.