Изработена студија за воведување на уставна жалба во Република Северна Македонија

Сподели

 

Претставници на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) го посетија Уставниот суд и остварија средба со претседателката на Судот, Добрила Кацарска. На средбата организирана на барање на ИРЗ, претставниците на германската фондација информираа дека е подготвена студијата за воведување на уставна жалба во Република Северна Македонија. Имено, се работи за студија изработена од германски експерт,  во која се пренесени искуствата од Уставниот суд во Сојузна Република Германија. Оваа студија е резултат на неколкугодишната соработка помеѓу Судот и ИРЗ и ќе даде насока за воведување на уставна жалба со којашто граѓаните на Република Северна Македонија ќе имаат можност да се жалат до Судот за сите уставно-загарантирани права. 

„Ние сме една од ретките држави кои немаат воведено уставна жалба или како што се нарекува во некои земји- уставна тужба. Тоа ќе значи проширени надлежности на Уставниот суд, граѓаните ќе можат за секое уставно загарантирано право да поднесат барање, ќе им се овозможи да се жалат на уште едно место во матичната држава, пред да се изложат на трошоци во судот во Стразбур. Сега граѓаните се ограничени само да се жалат за права кои произлегуваат од членот 110 алинеја 3 од Уставот,” посочи претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. 

Претставниците на германската фондација потенцираа дека проектот за Уставниот суд на Република Северна Македонија е одобрен од министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Во оваа прилика изразија загриженост за состојбата во која се наоѓа Уставниот суд со непополнувањето на судиските места, бидејќи се закочени важни прашања за граѓаните, како што е на пример воведувањето на уставната жалба. 

Претседателката Добрила Кацарска на средбата информираше за сите предизвици, заостанати предмети и проблеми со кои се соочува Судот поради испразнетите места и напомена дека ја искористила секоја можност јавно да апелира за избор на уставни судии, потсети дека во два наврата пишуваше писма до Собранието, Судскиот совет, а исто така го свика и државниот врв за лично да ја пренесе сериозноста на состојбата во која се наоѓа државата поради неизбирањето на судиите. 

„Вложив максимални напори да ги информирам и надлежните и целокупната јавност за сериозноста на овој проблем во кој се најде државата и повторував дека е важно уставните судии да бидат избрани побрзо. Нивно право е кого ќе изберат, јас немам ингеренции да кажувам ниту да бирам и затоа секоја прилика ја користам за да апелирам тоа да бидат професионалци”, кажа претседателката Кацарска. 

По пополнувањето на судиските места во Уставниот суд, со поддршка на ИРЗ планирано е да се организираат дебати со вклучување на регионални експерти и да почне поинтензивна кампања за подигнување на свеста кај сите општествени чинители и кај граѓаните, за важноста од воведување на уставна жалба во Република Северна Македонија.