Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска пред Собранието на РСМ, одржаа прес-конференција, по повод 2-ри ноември Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.
Пред новинарските екипи се обратија претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
„Пет години од почетокот на иницијативата во кои се изнаслушавме декларативни заложби за слободата на медиумите. Исто така, денес се навршуваат 17 месеци откако Владата, односно Министерството за правда ги испрати овие измени до Собрание за нивно усвојување. Резултат нема. Нападите, без разлика во каква форма се уште ги броиме и пријавуваме, но без резултати на крајот. Неказнивоста продолжува. Затоа уште еднаш, по којзнае кој пат потсетуваме на изборните ветувања дека законските измени кои се однесуваат на нападите врз новинарите треба итно да бидат спроведени. Собраниските игри и интереси нас не не интересираат. Ги повикуваме пратениците итно да направат се што е дел од процедурата и да ги изгласаат измените на кривничниот законик кои барем на хартија ќе ги подобрат условите за прекина на неказнивоста на нападите врз новинарите рече Беловски“.
Новинарските организации ја изразија својата загриженост заради застојот на донесување на законските измени во Собранието, со заедничка цел – позитивни промени во насока на подобрување на условите на работа на новинарите и медиумските работници, а потсетија на последниот извештај на Европската комисија каде се вели дека Северна Македонија постигна одредено ниво во областа на слободата на изразување, генерално, бележи ограничен напредок во однос на препораките на ЕУ. Исто така, потенцирана е потребата да продолжи процесот на саморегулација кој треба да доведе до унапредување на професионалните стандарди во новинарството.